Втора интервенција за евакуација на безживотно тело од тешко пристапен планински терен (фото+видео)

Во 15:04ч. оперативниот центар на ПСС при Црвен крст Охрид, доби повик од жител на с. Брежани, Општина Дебрца, со информација дека високо над селото, шеесет годишно лице починало додека собирало шумски плодови. Поради далечината и тешко пристапниот терен, беше побарано вклучување на ПСС, со цел спроведување на брза и безбедна евакуација на телото од починатото лице.

Согласно протоколот за делување на тимовите од ПСС, бидејќи станува збор за несреќа со смртни последици, опертивниот центар случајот го пријави во СВР Охрид, од каде чекавме понатамошни упатства за делување. Во меѓувреме, беа мобилизирани два тима на ПСС. По проверка на пријавата од страна на СВР Охрид, двата тима на ПСС, во придружба на полициски службеник од СВР и еден тим на Итната медицинска помош од Охрид, се упатија на местото на несреќата.

Во 17:00ч. тимовите пристигнаа на местото на настанот, каде од страна на лекар од ИМП беше констатирана смрт, без видливи знаци на насилство. За жал, поради условите во кои настанала смртта, од дежурниот Јавен Обвинител, беше наредено да се изврши увид од страна на Одделот за криминалистичка техника при СВР Охрид, што ја одложи евакуацијата на телото се до 21:15ч. кога тимовите на ПСС го предадоа телото на починатото лице на службата за погребални услуги.

За жал, ова е втора ваква интервенција на ПСС, по онаа која се случи на 23.09.2023, во близина на Прентов мост, кога животот го загуби работник, кој работел на расчистување на далекуводот од вегетација.

Во оваа прилика, апелираме до надлежните институции, за поефикасна координација во иднина, со цел зголемување на ефикасноста, но и редуцирање на опасностите и ризиците за луѓето кои се вклучени во изведување на ваквите операции.

Планинската Спасителна Служба жали за изгубените животи и на семејствата на починатите им изразува искрено сочувство.

Уште една среќна завршница на пребарување по исчезнато лице во Дебрца

На 19.06.2023 година, во 20:55ч., оперативниот центар на ПСС Охрид, од страна на СВР доби пријава за исчезнато женско лице на околу 32 годишна возраст, кое собирало шумски плодови во атарот на с. Горно Средорече.
Веднаш по пријавата, согласно процедурите за пребарување и спасување во вакви ситуации, ПСС во соработка со здружението Куче Спасител излезе на терен со 9 припадници и едно куче за пребарување.
По пристигнување на местото каде последен пат била забележана жената, во координација со членовите на семејството и мештани од соседните села, кои со неколку возила веќе ја пребаруваа пошироката област, во 22:30ч. ја започнавме потрагата, која за жал не даде позитивни резултати.
Поради тешко проодниот терен, во густа дабова шума, акцијата беше прекината во 2:00ч. утринава, со план истата да продолжи веднаш по разденувањето. Во 6:00ч. утрово, тимовите на ПСС повторно се упатија на местото, но за среќа, акцијата беше прекината по 30-ина минути, по дојава од членови на потесното семејство на жената, со информација дека истата е пронајдена жива и неповредена.
На Госпоѓата и семејството им посакуваме брзо опоравување и добро здравје по овој немил настан и ја користиме оваа прилика уште еднаш да апелираме до авантуристите и локалното население кое од различни причини се движи на планина и шумски предели, да бидат внимателни, соодветно опремени за условите, како и да носат со себе доволно количество храна, течности и мобилен телефон со полна батерија.

Видео честитка по повод денот на Македонското Воено Воздухопловство

По повод 10 јуни, денот на Македонското Воено Воздухопловство, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и нејзините волонтери, би сакале да им го честитаат овој ден на припадниците на армискиот воздухопловен ВИНГ, со кратка видео презентација од заедничката показна вежба за спасување на повреден параглајдерист.

Во продолжение погледнете го видеото од показната вежба, одржана во Стење, 2021 година, со која, уште еднаш се покажа дека цивилно-воената соработка е од големо значење и претставува клучен предуслов за ефикасноста на системот за цивилна заштита.

Предупредување и апел до граѓаните

Почитувани,

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, Ви се обраќа со предупредување и апел за избегнување од употреба на патниот правец Отешево-Охрид, поточно делницата Дервен-Царина. Наведениот патен правец, согласно годишната програма за одржување на патишта е категоризиран во трета категорија, со што практично воопшто не се одржува во зимскиот период. Истиот патен правец, поради ниските температури, снежните наноси и надморската висина на која се протега, во моментот е комплетно небезбеден за сообраќај, а од излетничкото место Корита до Царина на преспанска страна има забрана за користење.

Во изминатите три викенди, оперативниот центар на ПСС доби голем број повици за асистенција на заглавени возила, а интервениравме дури во 13 случаи за извлекување. Свесни за овој проблем, кој се провлекува веќе неколку години, на наша иницијатива, на 24.01.2023 година, во просториите на СВР Охрид се одржа состанок на кој, покрај претставниците на СВР и ПСС, беа присутни и претставници на Национален Парк Галичица и на Jавното претпријатие за одржување на патиштата. Целта на состанокот, беше изнаоѓање на решение за безбдено одвивање на сообраќајот на овој патен правец согласно годишната програма или негово целосно затворање за сообраќај. За жал, беше констатирано дека во моментот не постои законска можност за промена на годишната програма, но исто така не постои ниту можност за редовно одржување на патиот правец согласно истата програма, со што безбедноста од употребата на овој патен правец, се остава на совеста и проценкaтa на самите граѓани.

Од тие причини, а имајќи во предвид дека секоја интервенција на ПСС повлекува ангажирање на сериозни ресурси, кои имплицираат трошоци и се изложуваат на висок степен на ризик, апелираме до граѓаните, да се однесуваат совесно и да не се впуштаат во непотребни авантури на овој патен правец. Доколку и покрај сѐ, сепак дојде до заглавување на возила поради снежни наноси или мраз, сопствениците ги молиме да се обратат за помош до Јавното претпијатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кое е надлежно за одржување на овој патен правец, до АМСМ или некоја друга шлеп служба, специјализирана за ваков вид на услуги.

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, е доброволна хуманитарна организација, која е специјализирана за спасување на настрадани од тешко пристапни места и во комплексни операции. Истата делува волонтерски и не наплаќа за своите услуги, поради што апелираме повиците до нашиот оперативен центар да се упатуваат само во случаи кога навистина се работи за живото-загрозувачки ситуации, несреќи и сл.

Како љубители на планината и спортовите на отворено, длабоко ја разбираме потребата на граѓаните за идилични зимски излети, но апелираме на високо ниво на свесност и одговорност во однос на ризиците кои со себе ги носат зимата, снегот и мразот.

Промотивен настан во Грамш, Р. Албанија

На 04.10.2022 година, во организација на општина Грамш се одржа промотивен настан за презентација на активностите спроведени во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ програмата за прекугранична соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија.

Проектот го спроведува Црвен крст Охрид во партнерство со општините Дебрца од РСМ, општина Грамш од Р. Албанија и Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид.

Настанот се одржа во дворот на противпожарната единица во Грамш, каде беа презентирани отворената гаража за противпожарните возила, донираните возила, опремата за спасување и моторниот чамец, со кои значително се подобрува капацитетот и подготвеноста на единицата за делување на тешко пристапни терени.

Во рамки на овој проект од страна на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид за потребите на Противпожарната единица од Грамш беа спроведени повеќе обуки за спасување нетехнички терен и обуки за ракување со донираната опрема за спасување.

Пред присутните гости свое обраќање имаа г-дин Клодијан Таче, Градоначалник на Општина Грамш, г-дин Бесијан Ајази, пратеник од Грамш, г-ѓа Холта Комино, Генерален Директор на противпожарната служба и г-дин Антонио Додевски, раководител на проектот, кои го изразија своето задоволство од успешната реализација на овие активности во Р. Албанија, и упатија благодарност за досегашната соработка.

 

Презентација на новата Планинска куќа Брежани

Изминатата недела во селото Брежани, општина Дебрца, беше отворена Планинската куќа Брежани, која всушност е реконструкција на старата училишна зграда и нејзина адаптација во планинарски дом.

 

 

 

 

Реконструкцијата е извршена во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, преку програмата за прекугранична соработка со Албанија, а проектот е реализиран од страна на Црвен крст Охрид во партнерство со општините Дебрца од РСМ и Грамш од Р. Албанија и Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид.

Пред присутните гости свое обраќање имаа г-динот Зоран Ногачески, Градоначалник на Општина Дебрца, г-дин Сашо Точков, Претседател на Црвен крст Охрид, и г-дин Антонио Додевски, раководител на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, истакнувајќи го своето задоволство од оваа исклучително успешно реализирана активност и воедно изразувајќи надеж за реализација на што повеќе проекти кои ќе придонесат за развој на авантуристичкиот туризам, користејќи го огромниот потенцијал што овој регион го поседува.

Панел дискусија: Предизвици и современи трендови во планинското спасување во Европа

Минатата недела, во Охрид се одржа панел дискусија, на која за прв пат, пред високи претставници на државните институции, се дискутираше на тема планинско спасување, меѓународни стандарди на ова поле, како и неопходност од институционално и системско решавање на ова прашање во државата и прекуграничниот регион, како предуслов за развој на авантуристичкиот туризам и безбедноста на граѓаните.

На панелот, покрај Министерката за одбрана на РСМ, г-ѓа Славјанка Петровска, директорот на Центарот за управување со кризи г-дин Стојанче Ангелов и градоначалниците на Охрид, г-дин Кирил Пецаков и на општина Грамш, Р. Албанија, г-дин Клодиан Таче, присуствуваа и високи претставници на Министерствата за внатрешни работи и одбрана, воздухопловните единици, специјалните полициски и воени единици, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарни единици, како и голем број доброволни здруженија.

Присутните имаа ретка прилика детално да се запознаат со системот за планинско спасување во Република Хрватска, директно од првиот човек на ХГСС, г-динот Јосип Граниќ, кој на одличен начин ја презентираше „тајната на успехот“ на Хрватската Горска Служба за Спасување, која во моментот е една од најдобрите во Европа. Тој на присутните, преку примери и конкретни бројки, ги презентираше значењето и улогата на ХГСС, како основна оперативна сила во системот за цивилна заштита во Хрватска, која со своите 1200 високо обучени и опремени волонтери, распоредени во 25 станици низ државата, 24 часа, 7 дена во неделата, се грижи за безбедноста на граѓаните и бројните туристи.

Исто така, г-динот Граниќ ја потенцираше важноста од постоењето на посебниот закон за ХГСС, со кој во целост се уредени улогата, правата и должностите на припадниците, но и финансирањето и соработката со останатите државни институции. Посебно го нагласи концептот на волонтерската организација на службата, кој се применува во 95% од земјите во Европа, а се карактеризира со голема ефикасност, економичност и мобилност, особено во случаи кои налагаат вклучување на голема бројка на луѓе и траат подолго време, за што како пример го наведе последниот случај со авионската несреќа во Хрватска, каде повеќе од 250 припадници на ХГСС, два дена беа вклучени на терен и ја менаџираа потрагата по спортскиот воздухоплов, во услови на комплексен планински терен и слаба видливост. Меѓу другото, г-динот Граниќ ја потенцираше важноста за строго придржување до меѓународните стандарди и препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue), без кои кажа дека е невозможно организирање на современа служба.

Од страна на г-динот Костантин Циривири, реномиран домашен експерт во областа на алпинизмот, планинскиот туризам и спасувањето на планина, беа презентирани основните елементи од студијата за организација на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, изработена во 2019 година, како и значајните резултати постигнати во изминатите 3 години од делувањето на ПСС во прекуграничниот регион. ПСС како единствена ваква служба во моментов, која за граѓаните и посетителите на регионот, обезбедува 24 часовна услуга, 7 дена во неделата, согласно европските стандарди и препораки на ИКАР, претставува одличен пример за ефикасно организирање и уредување, кој лесно може да се примени и во останатите региони. Но, проблемот со финансиската одржливост и понатаму останува нерешен, иако во студијата направени се детални прогнози и предлози за креирање на економичен годишен буџет, кој предвидува вклученост на општините од регионот со минимални буџетски средства во висина од 0,26% до 0,6% од нивните годишни буџети (зависно од општината), кои за жал, до сега не изразија подготвеност за нивно обезбедување.

Примерот на ПСС, укажува на тоа дека непостоењето на соодветно законско решение, е сериозна пречка за креирање на ефикасен државен систем за спасување на планина, по примерот на Хрватска, што ги обесхрабрува волонтерите, и наместо постојан раст, резултира со губење на ентузијазмот и желбата да се даде максимум за заедницата. Г-динот Циривири, потенцираше дека проценките од студијата, како и три годишните анализи на резултатите од делувањето на ПСС Охрид, претставуваат одлична база, врз основа на која се прават организациските шеми и моделот за делување на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, кој во блиска иднина, преку соодветно законско решение и во соработка со останатите државни институции, ќе може ефикасно да организира државна оперативна структура, подготвена за делување во сите региони на државата, но и прекугранично, во соседна Албанија, доколку има потреба.

Министерката за одбрана, г-ѓа Славјанка Петровска, ги информираше учесниците на панелот за процесот на реформи во цивилната заштита, кој е веќе започнат и до септември треба да биде презентиран новиот концепт и изрази подготвеност за отворање на прашањето за законско уредување на планинското спасување, по примерот на Хрватска, кој секако ќе биде и составен дел од новиот систем за цивилна заштита во државата.

Панел дискусијата беше  организирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, кој е финансиран од ЕУ, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија и Министерството за локална самоуправа на РСМ, а домаќини на истиот беа Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, Националниот Сојуз за Планинско Спасување и Алпинистички клуб Патагонија Охрид.

 

Втора интервенција во населбата Канео

Утрово, во 9:25ч. колега од ПСС кој живее во населбата Канео, побара асистенција од своите колеги, за имобилизација и транспорт на сосетка, која извршувајќи ги секојдневните работи во својот дом, паднала и се здобила со тешка скршеница на подколеницата. Тимот на ПСС, за 13 мин. пристигна на местото на настанот, изврши комплетна имобилизација на повредениот екстремитет со помош на современо вакуум помагало, како и дополнителна имобилизација на целото тело на повредената, со цел безбеден транспорт по стрмните и тесни улички во населбата. По имобилизацијата, со  мултифункциско носило, наменето за делување во комплексен планински терен, повредената беше транспортирана до црквата Св. Софија, од каде со возило на ПСС, беше пренесена во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, на понатамошен лекарски третман.

Ова е втор ваков случај годинава, во кој Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, асистира на граѓаните и на здравствените служби, за безбедна евакуација на повредени жители од населбата Канео, каде што конвенционалните методи на останатите служби едноставно се неприменливи.

Овие случаи, за среќа со повреди кои не се живото загрозувачки, уште еднаш го активираат алармот за неопходност од набавка на специјализирани пловни објекти, кои значително ќе ја зголемат ефикасноста на спасителните тимови, во тешко достапните крајезерски населби и туристички локалитети.

На госпоѓата и посакуваме брзо опоравување, а на жителите од населбата Канео, како и на сите граѓани од регионот им порачуваме навремено да не контактираат на нашата СОС линија 13-112, секогаш кога имаат потреба од наша помош.

Видео интервју на Ohridnews со Претседателот на комисијата за терестријално спасување при ICAR, Г-дин Гебхард Барбиш од Австрија

На 4-ти мај, Претседателот на комисијата за терестријално спасување при ICAR (International Commission for Alpine Rescue), Г-динот Гебхард Барбиш од Австрија го посети центарот на ПСС. Посетата се реализира по покана на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, Здружението АСКЛЕПИЈ и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, а целта на истата беше запознавање на Г-динот Барбиш, со степенот на имплементација на препораките од ИКАР во нашето делување, подготвеноста на НСПС за трансформација на членството во ИКАР со повисок степен како национална организација која делува на територијата од целата држава, како и за проблемите и предизвиците со кои се соочуваме, особено во делот на институционалната поддршка од државните и локалните власти.

Оваа посета беше од големо значење за нас, бидејќи имавме прилика од Г-динот Барбиш, кој има децениско искуство во планинското спасување во Австрија и во светот како активен дел од структурите на ИКАР, да слушнеме многу корисни совети за подобрување на нашата позиција во општеството, како и во делот за обезбедување на одржливост.

За мисијата и препораките на ИКАР, за организациските модели на службите во светот, за предностите на волонтерските концепти, кои се применуваат во 90% од земјите, како и за важноста од институционална идентификација и поддршка на локално и национално ниво, Г-динот Гебхард Барбиш, даде кратко, но многу концизно интервју за реномираниот портал Ohridnews.

За ова му  благодариме на порталот Ohridnews, бидејќи редовно ја следи нашата работа и со тоа дава значајна медиумска поддршка во напорите кои ги правиме.

Барбиш: Планинското спасување е тимска работа, македонските волонтери треба да го одберат најдобриот модел на организирање

Организирана промотивна снежна авантура на Галичица

Иако сме веќе длабоко навлезени во пролетта, одличните снежни услови на Галичица ни овозможија прекрасно снежно другарување со младите волонтери од Црвен крст Охрид и Атлетскиот клуб Охрид трчаТ, како и со  нивните родители. Изминатиот викенд, во регионот околу планинската куќа Спиридон на Галичица, членовите на алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид и Планинската Спасителна Служба имаа можност на повеќе од 30 присутни, промотивно да им организираат незаборавни снежни авантури, кои покрај забавен, имаат и едукативен карактер.

Имено, станува збор за промоција на „Мобилен зимски авантуристички парк“, нова содржина која  Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид во иднина ќе ја нуди на посетителите во околината на планинската куќа Спиридон на Галичица, кај ново изградениот планинарски дом во Брежани, општина Дебарца, но и на други локации во регионот, погодни за таа намена.

За потребите на оваа нова туристичка содржина, во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“ набавени се 30 комплети опрема, кои содржат дрезги за движење во длабок снег, камашни, лопати за снег, лавински сонди, како и сетови за изучување и истражување на снежната покривка. Во комбинација со вештините на алпинистите од клубот, оваа опрема на посетителите ќе им овозможи незаборавни авантури, кои можат да бидат еднодневни со претежно забавен карактер до повеќедневни едукативни.

Промотивната активност, како и целокупната опрема за потребите на алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА, е финансирана од ЕУ, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија и Министерството за локална самоуправа и има за цел збогатување на туристичката понуда во регионот, проширување на туристичката сезона, обезбедување одржливост на клупските активности, како и пример за креирање на нови содржини кои овозможуваат одржливо искористување на природата во заштитените подрачја и националните паркови.