ДЕМАНТ на изнесените ставови на координаторите на советничките групи од општина Охрид

Почитувани сограѓани и медиуми,

Не можеме, а да не реагираме на вчерашните изјави на Градоначалникот и координаторите на советничките групи, кои се обидоа да ги релативизираат аргументите и да се оправдаат за нивната воздржаност, со што покажаа дека всушност немаат став, односно дека воопшто не се заинтересирани за ова прашање.

Имено, веруваме дека Градоначалникот има искрени намери и сериозно смета дека треба да се изнајде решение за одржливоста на Службата, но не можеме да се согласиме со изјавата дека Црвен крст Охрид барал средства за плати на волонтерите. Исто така, не можеме да се согласиме ниту со изјавите на координаторите на советничките групи, кои беа цитирани од страна на медиумите, во кои според едните „тие не добиле прецизни финансиски показатели, за тоа колку чини функционирањето на Службата и со кој дел би учествувала општината во вкупните трошоци“, а според другите дека „се изјасниле воздржано од единствена причина, што предлог одлуката не поседувала финансиска конструкција и јасни показатели, во однос на точната намена на средствата кои се бараат да бидат доделени од општинскиот буџет“. Од овие изјави, единствено може да се заклучи, дека советниците од власта и од опозицијата или воопшто не се заинтересирани за ова прашање или делуваат под влијание на други центри на моќ, кои им диктираат како треба да гласаат.

Инаку, барањето за поддршка на Службата се темели на деталните анализи и проценки од Студијата за финансиска одржливост, која ја работеа врвни експерти од областа, согласно кои општините би требало да учествуваат со 50% во вкупниот буџет на Службата, државата во иднина преку Дирекцијата за заштита и спасување (или во друга форма) со 30% и 20% Службата би обезбедувала од донации и дополнителни услуги. Во вкупната пресметка на буџетот, покрај материјалните трошоци за одржување на целокупниот систем, предвидени се и трошоци за осигурување, стручно усовршување и покривање на трошоците на волонтерите кои ги прават за време на редовните тренажни активности и спасителните операции, кои во случајов очигледно се помешани со терминот „плати“.

До овој момент, Службата не добила ни денар од локалните власти во изминатите 19 години и сѐ што е постигнато, е постигнато благодарение на ентузијазмот на волонтерите, кои покрај својата пасија за алпинизам, планинарство и спасување на човечки животи, професионално и интелектуално се реализирани личности и докажани професионалци во своите области (инженери, архитекти, адвокати, лекари и сл.), кои не очекуваат „плата“ како награда за она што го прават доброволно, туку очекуваат соодветен третман и грижа за нив, од системот во кој го вложуваат сопственото здравје. Нивниот ентузијазам и несебично залагање, во Охрид донесоа инвестиции од Европските фондови и изградија ефикасен систем, за чии резултати и финансиско работење добивме највисоки оценки од страна на донаторите. Очигледно овој систем на европски вредности советниците не можат или не сакаат да го разберат, иако како што изјавуваат се свесни за неговото значење.

Ние ќе продолжиме и понатаму, со несмалено темпо, бидејќи знаеме дека прогресот и напредокот на општеството го носат ентузијазмот и стремежот кон високи цели, компарирани со високите светски достигнувања. На тој пат, сакаме да ги поттикнеме и да ги мотивираме останатите колеги, ентузијасти од другите дејности, активно да се вклучат во градењето на здраво општество и заедно, очигледно низ долготраен процес, да ги едуцираме идните генерации политичари и советници, за вредностите кои егзистираат во развиениот свет, а кои е неопходно  да се имплементираат и кај нас, доколку сакаме да сме дел од светот. Тука сме, да им помогнеме на сите кои ја разбираат и сакаат да се дел од оваа мисија, бидејќи како што имаме кажано многу пати до сега, ние така го разбираме патриотизмот.

Бидејќи очигледно е дека советниците не ја прочитале или не ја разбрале Студијата, во оваа прилика, уште еднаш ги повикуваме да го направат тоа, иако со нивниот чин на воздржаност на последната седница, веќе се иззедоа од можноста за истото повторно да одлучуваат, со оглед на тоа што согласно деловникот, истата точка не смее да биде повторно на дневниот ред на советот во следните 6 месеци, период во кој нивниот мандат веќе ќе биде истечен.

На крајот, може само да заклучиме, дека овој состав на Советот на општина Охрид, две години (половина мандат) остана без став, во однос на важноста и значењето на Планинската Спасителна Служба за локалното население и за туристичкиот сектор, по што ќе биде запаметен во историјата на Планинското спасување во Охрид, но и во државата.

Во оваа прилика изразуваме благодарност до сите граѓани кои во овој процес ни изразуваат безрезервна поддршка, како и на сите организации со кои континуирано соработуваме и меѓусебно се поддржуваме.

Овде ќе завршиме, бидејќи обврските не ни дозволуваат да одвоиме повеќе време, а и сметаме дека на јавноста сѐ и е повеќе од јасно.

ЗА ОНИЕ КОИ САКААТ ПОВЕЌЕ ДЕТАЛИ ЗОШТО НЕ СЕ СОГЛАСУВАМЕ СО ИЗНЕСЕНИТЕ СТАВОВИ, ВО ХРОНОЛОШКИТЕ НАСТАНИ ПОДОЛУ:

  1. На 09.07.2019 г. во кабинетот на Градоначалникот Георгиевски, се одржа работен состанок на кој присуствуваа и градоначалниците на Струга, Вевчани и Дебарца, на кој детално им беше презентирана студијата за одржливост на Планинската Спасителна Служба и сите се согласија да се започне процес за заедничкко решавање на ова прашање.
  2. На 24.10.2019 г. во општина Охрид, Градоначалниците на Вевчани и Дебарца, потпишаа Меморандуми за соработка, а Градоначалникот на општина Охрид, поради отсуство во моментот истиот го потпиша подоцна на 15.11.2019 година.
  3. Барањето за финансиска поддршка од општината е во согласност со деталните финасиски параметри изложени во Студијата, која е доставена до службите на општина Охрид, во печатена и електронска форма, а истата може во секое време да се спушти од веб страната на ПСС (https://pss.org.mk/za-nas/)
  4. Покрај деталните и темелни финансиски параметри, во студијата е направена и компаративна анализа на организацијата на службите за спасување во 4 европски држави, како и прецизна правна анализа на позитивните законски прописи во државата, според кои општините се обврзани да формираат тимови за заштита и спасување на населението, како и да издвојуваат финансиски средства за таа намена.
  5. На 23.11.2020 г. се одржа on line координација на советничките групи, на која присуствуваа претседателот на Црвен крст Охрид и Раководителот на ПСС, кои на присутните советници детално им ја претставија работата на ПСС, како и резултатите од Студијата, врз основа на кои се базира и барањето за финансиска поддршка.
  6. На 21.12.2020 г. до градоначалниците и до советниците од регионот, беше испратено писмо од страна на Европската Делегација во Скопје, со укажување дека процесот за поддршка на ПСС е закочен и дека истиот треба да се интензивира во следниот период.

 

Со почит,

Ваша Планинска Спасителна Служба при Црвен крст Охрид