Планинска еко акција – Врв Лако Сигној, Национален парк Галичица

Соочени со глетката на напуштени објекти и расфрлан отпад на една од највеличествените локации во Националниот парк Галичица, членовите на Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид решија да преземат акција. По неколкугодишно планирање и трагање по вистинската поддршка, конечно, во јуни и јули 2024 година, беше реализирана голема еко акција за расчистување на врвот Лако Сигној (1984 м.н.в.).
Со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, во рамки на проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, членовите на клубот, во соработка со National Park Galicica и Центар за управување со кризи, ги отстранија остатоците од застарени радиокомуникациски инфраструктури – рѓосан метал, бетон и железни конструкции кои со децении ја нагрдуваа природната убавина. Со тоа, врвот повторно го доби својот автентичен лик.
Оваа локација се наоѓа на крстопатот на неколку популарни планинарски патеки како High Scardus Trail и Lake View Trail, кои секоја година привлекуваат илјадници љубители на природата од целиот свет. Со успешната акција, го вративме достоинството на просторот и придонесовме за подобро искуство на сите посетители.
Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид останува посветен на грижата за оваа локација, која е дел од пошироката „Авантуристичка зона во НП Галичица“, што ги опфаќа и локалитетот за алпинизам и спортско качување, Виа фератата „Доброја“, планинската куќа СПИРИДОН и нови содржини кои допрва доаѓаат.