За нас

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид е доброволна волонтерска организација, која делува во регионот околу Охридското Езеро, односно на територија на општините Охрид, Струга, Дебарца, Вевчани, Ресен и Поградец. Јадрото на Службата го сочинуваат искусни алпинисти од Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид, кои партнерски со Црвен крст Охрид ја развиваат службата уште од самите почетоци. Во моментов, во Службата волонтираат петнаесетина спасители обучени да делуваат на комплексен технички терен, како и повеќе од 30 волонтери, искусни планинари, обучени за логистика, пребарување и спасување на нетехнички планински терен. Службата располага со современ оперативен и тренинг центар, две теренски возила и специјализирана опрема за изведување на сложени спасителни операции на планина. За СОС потребите на корисниците, Службата е достапна 24 часа, 7 дена во неделата на дежурниот телефонски број 13-112 или преку андроид апликацијата за паметни телефони, која бесплатно може да се спушти од Play Store.