Вчера, околу 16:30 часот, до оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид беше упатен повик за помош од вработен во Национален парк Галичица. На наплатниот пункт „Дервен“, државјанин на Република Турција пријавил дека негов пријател – параглајдерист – принудно слетал во околината на врвот Магаро и има потреба од евакуација.
По воспоставена брза координација и утврдување на точната локација, лицето беше лоцирано на тешко пристапен, карпест терен на западната страна од планината Галичица. Според информациите, несреќата се случила околу 16:00 часот, кога, од засега непознати причини, пилотот изгубил целосна контрола над параглајдерското крило и бил принуден да го активира резервниот падобран. За среќа, при слетувањето не се здобил со физички повреди.
Од моментот на пријавата, оператор на Планинската спасителна служба беше во постојан телефонски контакт со параглајдеристот, со цел да ја следи неговата состојба и да дава насоки. Во исто време, спасувач од ПСС кој се наоѓаше во Планинската куќа „Спиридон“ веднаш се упати кон локацијата, додека дополнителен тим од пет спасители остана во приправност во Охрид, подготвен за интервенција доколку состојбата се усложни.
Околу 18:00 часот, спасувачот безбедно пристигна до параглајдеристот, му обезбеди храна и вода и заедно, безбедно, се упатија кон Планинската куќа „Спиридон“, со што интервенцијата беше успешно завршена.
Со оглед на исклучително тешкиот терен, околностите на настанот и поволниот исход без повреди, оваа интервенција претставува уште еден пример за навремена реакција, добра координација и среќен сплет на околности.
Планинската спасителна служба упатува благодарност до сите вклучени во интервенцијата и на пилотот му посакува безбедни и успешни летови во иднина.
