Во периодот од 25 до 28 септември 2025 година, во Охрид, Планинската спасителна служба имаше чест да биде домаќин на билатерална инструкторска средба помеѓу инструкторите на Национален сојуз за планинско спасување (НСПС) и претставници од инструкторскиот тим на Gorska Reševalna Zveza Slovenije.
Основната цел на средбата беше унапредување на соработката и размена на искуства во процесите за обука и сертификација на планински спасители во двете земји. Посебен фокус беше ставен на новата типизирана техника за техничко спасување, која од февруари 2025 година официјално се применува во Словенија. Овој современ пристап значително ги поедноставува процедурите при интервенции на комплексен терен, ја намалува потребната опрема и истовремено ја зголемува ефикасноста и безбедноста на спасителите, целосно усогласено со препораките на ICAR – International Commission for Alpine Rescue.
Новата техника овозможува и поефикасна организација на обуките, при што кандидатите за спасители во пократок временски период стекнуваат високо ниво на теоретски знаења и практични вештини, што директно придоне
сува за зголемена подготвеност и квалитет на интервенциите во реални услови.
Во рамки на зајакнатата регионална соработка, во април 2025 година беше потпишан регионален договор за соработка од страна на седум спасувачки служби од регионот, а во јули истата година НСПС и ГРЗС потпишаа и посебен билатерален договор. Со овој договор, НСПС доби право да ја имплементира словенечката типизирана техника во своите образовни и оперативни програми, како важен чекор кон воспоставување единствен национален стандард кој во иднина ќе го применуваат сите организации членки на НСПС.
Покрај работните сесии, средбата беше искористена и за заеднички теренски активности, вклучувајќи тренинзи на карпите во алпинистичкиот локалитет на Галичица, искачување на Виа фератата „Доброја“ и заедничко искачување на врвот Магаро, што дополнително придонесе за тимско поврзување и практична размена на искуства.
Гостите од Словенија беа сместени во Планинската куќа „Спиридон“ на Галичица и во Оперативниот и тренинг центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, за кои упатија искрени пофалби за нивната функционалност и условите за работа, како резултат на долгогодишниот волонтерски ангажман на Планинската спасителна служба и Алпинистички клуб Патагонија Охрид.
Планинската спасителна служба изразува искрена благодарност до колегите од Словенија за несебичното споделување на знаење и искуство. Веруваме дека оваа соработка претставува уште еден значаен чекор кон градење на силна, безбедна и ефикасна регионална мрежа на планински спасителни тимови.












