5 години Национален Сојуз за Планинско Спасување!

На 26 октомври 2020 година, во Охрид, во услови на глобалната ковид-пандемија и бројни ограничувања, беше основан Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС). Претставници на седум организации, со повеќе од 25 години искуство во развојот на планинското спасување на локално и регионално ниво, се обединија околу заедничка визија – создавање единствена национална служба за планинско спасување во Македонија, усогласена со меѓународните стандарди и препораките на ICAR – International Commission for Alpine Rescue.

Богатото искуство на основачите, стекнато преку алпинистички активности, инструкторска работа и управување со донаторски проекти, како и членството на здружението АСКЛЕПИЈ во ICAR од 2016 година, беа силна основа за пат кој беше јасно препознаен како долг и предизвикувачки, но неопходен за изградба на ефикасен и одржлив систем за спасување на човечки животи.

Во 2022 година, кон Сојузот се приклучија уште пет организации од различни делови на државата, со што НСПС денес обединува 12 организации и повеќе од 250 активни волонтери, присутни во Скопје, Тетово, Маврово, Велес, Струмица, Штип, Кочани, Охрид и Вевчани – токму таму каде што безбедноста во планините е од клучно значење.

Со преносот на членството во ICAR во 2023 година, НСПС се стекна со А-категорија членство, како национална организација која ги покрива сите сегменти на планинското спасување, во согласност со структурата и комисиите на ICAR.

Во изминатите пет години, НСПС реализираше бројни билатерални и мултилатерални средби со спасувачки служби од регионот и потпиша договор за регионална соработка со партнерите од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора. Паралелно, беа воспоставени и значајни национални партнерства со Македонската алпинистичка федерација и Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина, со цел унапредување на безбедноста во планинските спортови и туризмот.

Како симболичен, но исклучително значаен чекор по повод петгодишнината, неодамна беше потпишан договор за грант финансиран од Европската Унија преку ИПА III програмата за прекугранична соработка Македонија–Албанија. Проектот „Волонтери во акција за безбедност на луѓето и заштита на природата“ има за цел јакнење на кадровските и материјално-техничките капацитети на волонтерските спасувачки организации и обезбедување современа опрема за безбедно и ефикасно делување во комплексни услови.

По повод пет години од основањето, споделуваме и видео кое ја отсликува суштината на нашата мисија – континуирана едукација и надградба на волонтерите, нашата најголема вредност, сила и гордост.

Изразуваме искрена благодарност до сите членови, партнери и поддржувачи кои веруваат во оваа визија и активно придонесуваат кон нејзино остварување.

Продолжуваме со истата цел и енергија – во служба на луѓето и спасувањето на човечки животи.