На 1 декември 2025 година, во 11:00 часот, во Оперативниот и тренинг центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, официјално беше означен почетокот на новиот циклус проекти финансирани во рамки на IPA III Програмата за прекугранична соработка Северна Македонија – Албанија.
Настанот беше значаен не само како формален почеток на имплементацијата, туку и како симбол на доверба, партнерство и заедничка визија за побезбеден и поодржлив регион.
Со поздравни обраќања на министерот за локална самоуправа на Република Северна Македонија, г-дин Златко Перински, амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, г-дин Михалис Рокас, генералниот директор на Државната агенција за стратешко програмирање и координација на помош во Република Албанија, г-ѓа Еридана Чано, како и градоначалниците на општините Охрид и Крушево, г-дин Кирил Пецаков и г-дин Нико Чонески, беше нагласено значењето на прекуграничната соработка како двигател на развојот, безбедноста и европската интеграција.
Со свеченото потпишување на договорите за национално кофинансирање помеѓу Министерството за Локална Самоуправа и носителите на проектите, како и договорот помеѓу Министерството и Албанската агенција за стратешко програмирање и координација на помош, формално започна новата фаза на имплементација.
Еден од проектите што започнува со реализација е „Волонтери во акција за безбедност на граѓаните и заштита на природата“ – иницијатива што за нас претставува повеќе од проектна активност. Таа претставува инвестиција во луѓето кои први реагираат кога безбедноста е загрозена, во волонтерите кои со знаење, храброст и посветеност спасуваат човечки животи и ја штитат природата.
Проектот, со вкупна вредност од 796.000 евра, од кои 85% се обезбедени од Европската Унија, ќе се реализира во следните 30 месеци во партнерство помеѓу Црвен крст Охрид како водечки апликант, Националниот сојуз за планинско спасување, Националниот парк Галичица, Општина Пеќин и Албанската федерација за планинарство и планински туризам.
Во рамки на проектот ќе се инвестира во инфраструктура, современа спасувачка опрема, заеднички обуки според меѓународни стандарди, брз и безбеден медицински транспорт на пациенти преку Охридското Езеро и подобра заштита на природните подрачја во прекуграничниот регион.
Паралелно, започнува и проектот „Крушево и Елбасан – Патување во природа и авантура“, насочен кон одржлив туристички развој и зајакнување на регионалната туристичка понуда, со што дополнително се потврдува дека прекуграничната соработка претставува заеднички пат кон напредок.
За нас, овој почеток не е само административен чекор. Тој е потврда дека институциите, локалните власти и волонтерските организации можат заедно да градат систем кој ќе биде побрз, поефикасен и посигурен за сите граѓани и посетители.
Продолжуваме со истата енергија и посветеност – во служба на луѓето, во служба на природата и во служба на животот.















