TWINNING OHRID – MØRE OG ROMSDAL: Размена на искуства и зајакнување на пријателството

Од 15 до 20 септември 2026 година, Црвен крст Охрид и Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид беа домаќини на колегите од Службата за пребарување и спасување при Норвешкиот црвен крст од Мере ог Ромсдал. Посетата се реализираше во рамките на партнерската соработка „Twinning Ohrid – Møre og Romsdal“, со цел размена на искуства, меѓусебно запознавање и продлабочување на соработката меѓу волонтерите и спасителите.

Програмата започна во Оперативниот и тренинг центар на ПСС, каде што гостите се запознаа со капацитетите на службата, специјализираната спасителна опрема и возилата. Преку отворени разговори беа споделени искуства за организацијата на волонтерските спасителни служби, обуката на спасителите и начинот на дејствување при интервенции. Беше претставена и долгогодишната соработка со Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ – Охрид, која има значајна улога во развојот и функционирањето на ПСС.

Заедничките активности продолжија на Галичица, со искачување на виа фератата „Доброја“, престој и ноќевање во планинската куќа „Спиридон“ и искачување на врвот Лако Сигној. Овие денови беа можност норвешките колеги непосредно да го запознаат теренот на кој дејствува нашата служба, но и да уживаат во природните убавини на планината. Заедничкиот престој донесе многу разговори, споделени искуства и нови пријателства.

Посетата на манастирскиот комплекс „Св. Наум“, панорамската прошетка со брод по Охридското Езеро, посетите на „Св. Богородица Заум“ и Музејот на вода во Градиште, како и прошетките низ Охрид, ја надополнија програмата со запознавање на богатото природно и културно наследство на регионот.

Особено нè радува што оваа средба отвори простор за продолжување на соработката. Беше договорена возвратна посета во Норвешка во периодот февруари–март 2027 година, кога нашите волонтери ќе имаат можност да се запознаат со организацијата, оперативните процедури и техниките што норвешките колеги ги применуваат при пребарување и спасување во зимски услови.

Им благодариме на нашите пријатели од Мере ог Ромсдал за посетата, отвореноста и споделените искуства. Заедничките денови во Охрид го зацврстија пријателството и поставија добра основа за идни средби, учење и заеднички активности.