Промоција на новиот проект кој ПСС ќе го спроведува со партнерите од регионот

На граничниот премин „Свети Наум“ беше одржана промоција на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, програма за прекугранична соработка со Република Албанија. Партнери на овој проект, покрај ПСС при Црвен крст Охрид се и алпинистичкиот клуб Патагонија Охрид, општина Дебрца и општина Грамш од Република Албанија. Целта на овој проект е да се подобри социо-економскиот развој на поширокиот охридско-преспански регион преку одржлив развој и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот. За Планинската Спасителна Служба, со овој проект ќе биде обезбедена комплетна опрема за безбедно делување на спасителите во зимски услови, како и специјални теренски возила, опремени со гасеници и приколки за транспорт на повредени лица во снежни услови. Со помош на оваа опрема, значително ќе се подобрат капацитетите на службата, како и нејзината ефикасност, во зимскиот период.

На оваа церемонија Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Националниот координативен центар за гранично управување потпишаа Меморандум за соработка, чија цел е преку координирани активности спасувачките тимови на службата да можат брзо да ја поминат границата и во најкус можен рок да интервенираат за спасување на Албанска територија. Овој меморандум претставува прв чекор во процесот за креирање на посебен протокол, со кој во иднина Планинската Спасителна Служба, со целокупната опрема, возила и спасувачи, без застој ќе ја минува границата на официјалните гранични премини или на т.н. зелени премини на копно, но и со воздухоплов доколку е тоа непходно за ефикасноста на акцијата. Тоа ќе значи системско подобрување на безбедносните услови во туризмот, но и поголема безбедност на населението од прекуграничниот регион.

Г-динот Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид истакна дека со воспоставувањето на систем за ефикасно делување на Планинската Спасителна Служба и со почетокот на новиот проект се заокружува долгогодишната заложба за безбедносен систем и услови за сите туристи, љубители на планината, како и за сите жители од овој регион.

Г-дин Никола Бертолини од Секторот за соработка и развој при Делегацијата на ЕУ од своја страна посочи дека Европската  Унија секогаш ги препознавала и ќе ги поддржува и во иднина сите проекти што промовираат прекугранична соработка, како еден од најважните приоритети согласно програмите за поддршка на ЕУ.

 

Свое обраќање имаа и министерот за локална самоуправа, г-дин Горан Милевски, Директорот на Царинска Управа, г-дин Ѓоко Танасоски, како и градоначалниците на општините Дебрца и Грамш, г-дин Зоран Ногачески и г-дин Клодијан Таче, кои го истакнаа своето задоволство од успехот на ваквите проекти, што влијаат не само на економскиот развој на регионот, туку и придонесуваат за промоција на туристичките потенцијали на општините.

 

По одржаната промоција, беше организиран иницијален работен состанок во хотелот Свети Наум, со претставници на релевантните институции од двете земји.

 

Ден на безбедноста на планина

Црвениот Крст го одбележува 15 јануари како “Ден на безбедноста на планина”. По тој повод, Планинската Спасителна Служба при Црвен Kрст Охрид, го искористи вчерашниот ден за изведување на работни обврски и кондициски тренинг, со цел поставување на новиот репетитор за радио комуникација, кој значително ќе ги подобри капацитетите на Службата. Станува збор за репетитор, кој ќе ѝ овозможи на службата непречена комуникација во радиус од најмалку 50км, и со чија помош ќе биде покриен најголем дел од територијата на која делува ПСС Охрид. Репетиторот беше набавен во рамки на проектот “Регионот Охридско езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам”, финансиран од Европската Унија, преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Планинската Спасителна Служба при Црвен Крст Охрид, по овој повод упатува поздрави до сите колеги, волонтери и професионалци од спасителните служби низ светот, со искрени желби за успешна работа, многу заеднички планински дружби и што помалку спасителни операции.

Отворање на оперативниот и тренинг Центар на ПСС

Конечно реализиран уште еден значаен сегмент од нашата дводецениска мисија за развој на Планинската Спасителна Служба во регионот околу Охридското Езеро. Свечено пуштен во употреба оперативниот и тренинг центар, прв од ваков вид во нашата држава и пошироко. Огромнa благодарност до Европската Унија и Министерството за Локална самоуправа, за финансиската поддршка доделена преку програмата за прекугранична соработка со Албанија. Наскоро ќе објавиме повеќе детали и фото албум од свеченото отворање.

П.С. Посебна благодарност за видеото до тимот на Digital Box