Интервенција за извлекување на повредено лице во сообраќајна несреќа

Денес, во 11:45 часот, оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен Крст Охрид доби повик од страна на Итната медицинска помош при Здравствен дом Охрид, за асистенција при извлекување на повредено лице, кое со товарно возило излетало од регионалниот пат Охрид – Ресен, во близина на с. Свињишта. Оперативниот центар на ПСС веднаш мобилизира два тима кои со комплетна опрема за спасување на комплексен технички терен во 12:15 часот пристигна на лице место и веднаш започна со извлекување на повредениот. Истиот за среќа беше во свесна состојба, но со тешки повреди на екстремитетите. На местото на несреќата претходно беа пристигнати и припадниците на Територијалната Противпожарна Единица од Охрид кои први му пристапија на повредениот и асистираа при извлекувањето.

Оваа интервенција е петта по ред од почетокот на оваа година, со што уште еднаш се потврдува потребата од постоење на ефикасен систем за спасување на планина и непристапни терени кој е неопходен во најделикатните операции за спасување на човечки животи.

ПСС при Црвен крст Охрид им честита и им изразува огромна благодарност на сите свои членови/волонтери за пожртвуваноста во оваа, како и во изминатите акции, особено оние кои се изведени во периодот од почетокот на пандемијата со корона вирусот, кога и покрај сите останати опасности, личната безбедност е дополнително загрозена. Исто така, сакаме да им изразиме посебна благодарност и на припадниците од ТППЕ Охрид кои дадоа максимум од своите сили за помош на нашата Служба. Веруваме дека наша, а и нивна девиза е „Заедно сме посилни“.

На повредените во оваа тешка сообраќајна несреќа, им посакуваме добро здравје и брзо закрепнување.