НОВИ МОЖНОСТИ ЗА БЕЗБЕДЕН ЗИМСКИ АВАНТУРИСТИЧКИ ТУРИЗАМ

Овој проект има за цел промоција на социо-економскиот развој на охридско-преспанскиот прекуграничен регион преку одржлив развој на туризмот, со особено внимание за создавање деловни можности за урбаните и руралните области од поширокиот регион, со понуда на различни туристички пакети и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот. Со предложените инфраструктурни подобрувања, развој и промоција на туристички производи, со мерките за зајакнување на прекуграничната соработка меѓу засегнатите страни, ќе се развиваат нови безбедни туристички производи во охридско-преспанскиот прекуграничен регион (општините Охрид, Струга, Дебрца, Ресен, Поградец и Грамш), како и производи за авантуристички планински туризам, со кои ќе се отворат нови економски можности за општините Дебрца и Грамш и надвор од летната туристичка сезона. Поконкретно, целта на проектот е да се прошири туристичката сезона преку цела година, како и да се обезбеди поизбалансиран и инклузивен развој на поширокиот прекуграничен регион околу Охридското Езеро со приближување на општините Дебрца и Грамш кон Охрид и Поградец. Охридско-преспанскиот регион во моментов е во фокус на повеќе иницијативи, поддржани со државни и странски донации. Нашата цел е да ги промовираме овие општини кои имаат голем неоткриен потенцијал за развој на туризмот, да се обезбедат можности за локалното население и да се спречи континуираната емиграција во урбаните средини и во странство. Така, разновидната понуда во однос на содржината, сезоната и територијата ќе доведе до зголемен број на туристи, како и до продолжување на нивниот престој.

Активности предвидени со овој проект се: обележување на прекугранична планинарска патека (од планинарскиот дом во с. Брежани, општина Дебрца до општина Грамш);  реконструкција на старото училиште во општина Дебрца и негова пренамена во планинарски дом; поставување на Авантуристички парк во близина на планинарскиот дом на Галичица; поставување на пречистителна станица за планинарскиот дом на Галичица; поставување мониторинг систем за посетители во НП Галичица; воведување на нови зимски активности: планинарење во зимски услови, движење со дрезги (snowshoeing), турно скијање и.т.н.; развивање на промотивни материјали: водич, мапи, мобилна апликација и веб страна; одржување на работилници и обуки за давателите на туристички услуги; набавка на возила за зголемување на капацитетите на општините со цел поддршка на ново поставената инфраструктура; набавка на теренски возила и опрема за спасување во зимки услови; набавка на специјализирана опрема за спасување за потребите на хеликоптерската единица при МВР; обука на спасувачи на планина во Албанија според стандардите на ICAR (International Commission for Alpine Rescue); обука на спасувачите од Планинската Спасителна Служба за употреба на опремата за спасување во зимски услови; и креирање на работна група за олеснување на прекуграничните процедури во случај на интервенција на Планинската Спасителна Служба на територијата на Р. Албанија.