Во текот на изминатата недела остваривме средби со г-дин Елвис Али, програмски директор на Делегацијата на ЕУ за ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка меѓу Р. Северна Македонија и Р. Албанија и со претставници на Министерството за Локална Самоуправа од РСМ и Министерството за Европски Работи од Албанија.
На средбите беше презентирана старата училишна зграда во с. Брежани, која треба да биде реконструирана и адаптирана во планинарски дом. Ова е уште една активност која се реализира во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ и Министерството за Локална Самоуправа на РСМ, преку ИПА 2 програмата. Од страна на проектниот менаџер, г-дин Антонио Додевски и градоначалникот на општина Дебрца, г-дин Зоран Ногачески, на гостите им беа презентирани веќе реализираните активности од овој проект: специјализирано теренско возило Dacia Duster за општина Дебрца и дополнителна опрема за спасување во зимски услови. Во оваа општина предвидени се уште и реконструкција на пропустите од село Брежани до Илинска црква, како и обуки за спасување на пристапен, нетехнички терен.
По ова следуваше посета на Оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба, каде гостите имаа можност да се запознаат со новонабавените АТВ возила и специјализираната опрема за спасување во зимски услови.
И во оваа прилика, уште еднаш би сакале да ја изразиме нашата благодарност до Делегацијата на ЕУ во РСМ и до Министерството за Локална Самоуправа, како и подготвеноста за понатамошна соработка.