Промоција на новите специјализирани возила и опрема за спасување во зимски услови (Видео и фото)

Денес, на охридската ривиера, беа промовирани новите специјализирани возила и опрема за спасување во зимски услови, наменети за потребите на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА од Охрид, како и за локалните тимови од општините Дебрца  и Грамш. Опремата е набавена со финансиски средства од Европската Унија, преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.

Со овие возила и опрема, Планинската Спасителна Служба го заокружува процесот на опремување за комплетна мобилност во сите годишни времиња и метеоролошки услови, а со опремувањето на локалните тимови во Општините Дебрца и Грамш, значително се проширува територијалниот опфат и ефикасноста на спасителните операции во иднина.

На промоцијата, свои обраќања имаа Претседателот на Црвен крст Охрид, Г-дин Сашо Точков, Министерот за локална самоуправа на РСМ Г-дин Горан Милевски и Евроамбасадорот во РСМ Н.Е. Дејвид Гир, кои изразија задоволство од успешноста на проектите со кои се воспостави оваа регионална Планинска Спасителна Служба согласно највисоките меѓународни стандарди и ја потенцираа важноста од активно вклучување на локалните самоуправи во нејзината идна одржливост.

По официјалниот дел, гостите имаа можност да ги разгледаат возилата и опремата, придружувани од припадниците на ПСС, а високите претставници на Центарот за Управување со Кризи, Дирекцијата за Заштита и Спасување, Единицата за Специјални Задачи при МВР, Хеликоптерското одделение при МВР и Военото Воздухопловство, го посетија оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба и разговараа за продлабочување на соработката, со цел поголема ефективност на спасителните операции во иднина, не само во охридскиот регион, туку и пошироко.

Во оваа прилика, сакаме да изразиме особена благодарност до Делегацијата на Европската Унија во РСМ и Министерството за Локална самоуправа, не само за финансиската поддршка, туку и за заложбите и активната вклученост во процесот за интеграција на ПСС во државниот систем за заштита и спасување, како и во напорите за ефикасно и брзо прекугранично делување.