Успех на спасувачите од Поградец

Минатиот викенд, во Албанија се одржа првото државно првенство за спасување на вода, на кое тимот од Поградец, освои прво место во поединечна конкуренција и трето место екипно.

Горди сме, затоа што учествувавме во формирањето на првата генерација спасувачи во Поградец, кои беа обучени и комплетно опремени во рамки на првиот проект кој го реализиравме со финансиска поддршка од ЕУ, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Една од главните цели на проектот „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам“, спроведен во периодот 2017-2019 година, беше токму воспоставувањето на две нови служби во прекуграничниот регион, односно Планинската Спасителна Служба во Охрид и Службата за спасување на вода во Поградец.

Постигнатиот резултат на ова прво државно првенство во Албанија, во конкуренција со приморските тимови од Валона, Скадар, Саранда, Драч и други, е само уште еден доказ дека инвестирањето во системи за спасување е од големо значење за заедниците, кои продолжуваат да работат, да ги одржуваат и да ги унапредуваат постигнатите резултати.

Уште еднаш им благодариме на Албанската Федерација за спасување на вода и општината Поградец, кои активно се вклучија во реализацијата на проектот, но и понатаму продолжуваат да ја развиваат оваа успешна приказна која заеднички ја започнавме во 2017 година.

Навистина се радуваме на постигнатите успеси и им честитаме на спасувачите на вода и на општина Поградец за постигнатиот успех.

Во продолжение погледнете го промотивното видео за првиот спасувачки тим во Поградец од 2019 година.