Заклучно со вчерашниот ден, по девет работни денови, заврши финалната планирачка конференција за вежбата на NATO – EADRCC (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre), која во Септември ќе се одржи на територија од Охрид и Струга.
Раководителот на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Претседател на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, како член на националниот планирачки тим за вежбата, беше активно вклучен во процесот. На наша иницијатива, за прв пат во рамки на ваквите вежби на NATO-EADRCC, кои главно се насочени кон спасување во урбани средини, се предвидуваат сценарија за планински несреќи и вклученост на тимови специјализирани за таков тип на интервенции. Во согласност со генералното сценарио на вежбата, предвидени се и две сценарија за несреќи на комплексен планински терен и тоа: Авионска несреќа со повеќе жртви и повредени, како и тандем параглајдерска несреќа.
Целта на двете сценарија, е увежбување на неопходните техники и координацијата помеѓу тимовите на ПСС Охрид, Членовите на НСПС, армиските и полициските служби од државата, во соработка со армискиот воздухопловен ВИНГ, за ефикасно делување во случај на реални несреќи од ваков тип, за кои постои голема веројатност и опасност да се случат во регионот. Покрај националните тимови за спасување на планина, во вежбата може да земат учество и тимови од останатите НАТО земји. Согласно планот за вежбата, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, презеде комлетна одговорност за поставување на сценографијата на терен, обезбедување на сместување за странските тимови во тренинг центарот на ПСС, како и организација на базата од каде ќе дејствуваат сите инволвирани тимови во вежбата, која ќе биде лоцирана во Планинската куќа Спиридон на Галичица.
Ова е одлична прилика за националните тимови, кои најчесто се инволвирани во комплексни операции за спасување на планина, да ја продлабочат меѓусебната координација, со што, во иднина, значително ќе ја подобрат ефикасноста на истите.