Едукативна посета на децата од „Полетарче“ во Оперативниот центар на Планинската спасителна служба

Во духот на дружење, игра, забава и спорт, децата кои ја следат програмата во едукативниот центар „Полетарче“ при Црвен крст Охрид го одржаа последниот час од пролетниот циклус на Програмата за подготовка на деца за во училиште во Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

За време на посетата, децата имаа можност одблиску да се запознаат со работата на планинските спасители и со улогата на Планинската спасителна служба во заштитата и спасувањето во планински и тешко пристапни подрачја. Нивното љубопитство беше задоволено преку кратки видео-презентации од реални спасителни акции, како и преку практична презентација на дел од опремата што се користи при интервенции.

Посебен интерес кај најмладите предизвика демонстрацијата на основни техники за искачување на вештачката карпа, каде децата, соодветно на нивната возраст, имаа можност да се запознаат со елементарните принципи на безбедно движење и користење на заштитна опрема.

Оваа едукативна активност претставува пример за успешна соработка помеѓу едукативните програми на Црвен крст Охрид и Планинската спасителна служба, со цел развивање на свеста кај децата за безбедност, тимска работа и почит кон природата уште од најрана возраст.