Евакуација на принудно слетан параглајдерист на Галичица

Ова е првата интервенција на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид во 2026 година.

Во текот на вчерашниот ден, во 15:10 часот, оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид прими повик од параглајдинг заедницата со информација дека параглајдерист кој полетал од превојот Баба на планината Галичица, поради неповолни воздушни струења, не бил во можност да продолжи кон вообичаените слетишта на охридската страна.

Како резултат на тоа, пилотот извршил принудно, но безбедно слетување на висорамнината Суво Поле, во централниот дел на Галичица. Поради непроодноста на теренот, големите снежни наноси и значителната оддалеченост од најблискиот пристапен пат, беше побарана интервенција од Планинската спасителна служба.

Веднаш по приемот на повикот, еден тим на ПСС се упати на терен со специјално теренско возило АТВ, опремено со гасеници за движење во снежни услови. И покрај отежнатите услови и ноќното време, во 16:50 часот спасителниот тим успешно пристигна до локацијата, по што параглајдеристот беше безбедно евакуиран и транспортиран до возилото и неговите колеги со кои заедно изведувал летови на Галичица.

Интервенцијата заврши без повреди и без дополнителни компликации.

Апел за зголемена внимателност

Планинската спасителна служба уште еднаш апелира до сите љубители на планинските и воздушните активности за зголемена претпазливост во зимскиот период, имајќи ги предвид дополнителните фактори на ризик – краткиот ден, ниските температури и снежната покривка кои доминираат во планинските подрачја.

Потсетуваме на неопходноста од:

  • почитување на правилата и условите на планината,
  • користење соодветна и комплетна опрема,
  • носење мобилен телефон со полна батерија за навремено известување во случај на потреба.

Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид останува постојано подготвена да помогне, но безбедноста секогаш треба да биде на прво место.