Во периодот од 16 до 19 април 2026 година, во Охрид се одржа значајна регионална средба на службите за планинско спасување кои се членки на Меѓународната комисија за алпско спасување – ICAR (International Commission for Alpine Rescue).
На настанот учествуваа раководствата на националните организации од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, како и претставници од Албанија, кои активно работат на исполнување на условите за полноправно членство во ICAR.
Средбата претставуваше одлична можност за размена на искуства, усогласување на ставови и унапредување на регионалната соработка во областа на планинското спасување. Посебен акцент беше ставен на потребата од силни, единствени и институционално препознаени национални системи, наместо фрагментирани структури, како и на значењето од стабилна финансиска и законска поддршка од државите.
Во своето обраќање, Г-дин Грегор Долинар, претседател на словенечкиот сојуз за планинско спасување и член на Управниот одбор на ICAR, ги информираше присутните за најновите ставови на ICAR, според кои во иднина ќе бидат значително заострени критериумите за прием на нови организации. Согласно новите насоки, идните членки ќе треба да исполнуваат повисоки професионални стандарди, а како еден од клучните предуслови ќе биде тие да делуваат како единствени национални организации во своите држави.
Г-дин Долинар истакна и дека ICAR ќе обезбедува поголема административна и стручна поддршка за организациите од регионот, особено во земјите каде сè уште недостига соодветна законска рамка за планинско спасување. Беше нагласено дека ова не е само локален предизвик, туку и регионално и европско прашање, имајќи предвид дека сè повеќе туристи од Европа и светот ги посетуваат планините на Балканот.
Претставниците од Словенија и Хрватска ги споделија своите позитивни искуства од модели во кои планинските спасителни служби се законски уредени, централизирани и системски финансирани, посочувајќи дека таквиот пристап носи поголема ефикасност, безбедност и професионалност.
Во рамки на средбата беше истакнато и дека климатските промени, растот на туризмот и сè поголемата посетеност на планинските подрачја бараат уште посилни и подобро подготвени служби за спасување низ целиот регион.
Националниот сојуз за планинско спасување на Македонија, како домаќин на настанот, ги презентираше сопствените капацитети, досегашните достигнувања и тековните проекти поддржани од ЕУ ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија, со кои значително се унапредуваат техничките и човечките ресурси на спасителните служби во Северна Македонија и Албанија.
Во рамки на програмата беше организирана и посета на Нуркачкиот центар Амфора, долгогодишен и значаен партнер на Црвен крст Охрид во операциите за спасување на вода, како и на Планинската куќа Спиридон, управувана од Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА, која има важна улога како спасителна станица на територијата на Национален парк Галичица и претставува значаен логистички пункт за интервенции и обуки во планински услови.
Особено беше нагласено дека во земјава постои сериозен потенцијал, стручни и мотивирани волонтери, но дека е неопходно нивното формално препознавање и интегрирање во националниот систем за заштита и спасување.
Средбата заврши со заеднички заклучок дека ваквите регионални состаноци имаат огромно значење за безбедноста на граѓаните, развојот на службите и меѓусебната поддршка, а домаќинството за следната година го презедоа колегите од Босна и Херцеговина.
Голема благодарност до сите учесници, партнери и поддржувачи кои придонесоа Охрид повторно да биде центар на регионалната соработка и безбедност.












