Панел дискусија: Предизвици и современи трендови во планинското спасување во Европа

Минатата недела, во Охрид се одржа панел дискусија, на која за прв пат, пред високи претставници на државните институции, се дискутираше на тема планинско спасување, меѓународни стандарди на ова поле, како и неопходност од институционално и системско решавање на ова прашање во државата и прекуграничниот регион, како предуслов за развој на авантуристичкиот туризам и безбедноста на граѓаните.

На панелот, покрај Министерката за одбрана на РСМ, г-ѓа Славјанка Петровска, директорот на Центарот за управување со кризи г-дин Стојанче Ангелов и градоначалниците на Охрид, г-дин Кирил Пецаков и на општина Грамш, Р. Албанија, г-дин Клодиан Таче, присуствуваа и високи претставници на Министерствата за внатрешни работи и одбрана, воздухопловните единици, специјалните полициски и воени единици, Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарни единици, како и голем број доброволни здруженија.

Присутните имаа ретка прилика детално да се запознаат со системот за планинско спасување во Република Хрватска, директно од првиот човек на ХГСС, г-динот Јосип Граниќ, кој на одличен начин ја презентираше „тајната на успехот“ на Хрватската Горска Служба за Спасување, која во моментот е една од најдобрите во Европа. Тој на присутните, преку примери и конкретни бројки, ги презентираше значењето и улогата на ХГСС, како основна оперативна сила во системот за цивилна заштита во Хрватска, која со своите 1200 високо обучени и опремени волонтери, распоредени во 25 станици низ државата, 24 часа, 7 дена во неделата, се грижи за безбедноста на граѓаните и бројните туристи.

Исто така, г-динот Граниќ ја потенцираше важноста од постоењето на посебниот закон за ХГСС, со кој во целост се уредени улогата, правата и должностите на припадниците, но и финансирањето и соработката со останатите државни институции. Посебно го нагласи концептот на волонтерската организација на службата, кој се применува во 95% од земјите во Европа, а се карактеризира со голема ефикасност, економичност и мобилност, особено во случаи кои налагаат вклучување на голема бројка на луѓе и траат подолго време, за што како пример го наведе последниот случај со авионската несреќа во Хрватска, каде повеќе од 250 припадници на ХГСС, два дена беа вклучени на терен и ја менаџираа потрагата по спортскиот воздухоплов, во услови на комплексен планински терен и слаба видливост. Меѓу другото, г-динот Граниќ ја потенцираше важноста за строго придржување до меѓународните стандарди и препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue), без кои кажа дека е невозможно организирање на современа служба.

Од страна на г-динот Костантин Циривири, реномиран домашен експерт во областа на алпинизмот, планинскиот туризам и спасувањето на планина, беа презентирани основните елементи од студијата за организација на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, изработена во 2019 година, како и значајните резултати постигнати во изминатите 3 години од делувањето на ПСС во прекуграничниот регион. ПСС како единствена ваква служба во моментов, која за граѓаните и посетителите на регионот, обезбедува 24 часовна услуга, 7 дена во неделата, согласно европските стандарди и препораки на ИКАР, претставува одличен пример за ефикасно организирање и уредување, кој лесно може да се примени и во останатите региони. Но, проблемот со финансиската одржливост и понатаму останува нерешен, иако во студијата направени се детални прогнози и предлози за креирање на економичен годишен буџет, кој предвидува вклученост на општините од регионот со минимални буџетски средства во висина од 0,26% до 0,6% од нивните годишни буџети (зависно од општината), кои за жал, до сега не изразија подготвеност за нивно обезбедување.

Примерот на ПСС, укажува на тоа дека непостоењето на соодветно законско решение, е сериозна пречка за креирање на ефикасен државен систем за спасување на планина, по примерот на Хрватска, што ги обесхрабрува волонтерите, и наместо постојан раст, резултира со губење на ентузијазмот и желбата да се даде максимум за заедницата. Г-динот Циривири, потенцираше дека проценките од студијата, како и три годишните анализи на резултатите од делувањето на ПСС Охрид, претставуваат одлична база, врз основа на која се прават организациските шеми и моделот за делување на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, кој во блиска иднина, преку соодветно законско решение и во соработка со останатите државни институции, ќе може ефикасно да организира државна оперативна структура, подготвена за делување во сите региони на државата, но и прекугранично, во соседна Албанија, доколку има потреба.

Министерката за одбрана, г-ѓа Славјанка Петровска, ги информираше учесниците на панелот за процесот на реформи во цивилната заштита, кој е веќе започнат и до септември треба да биде презентиран новиот концепт и изрази подготвеност за отворање на прашањето за законско уредување на планинското спасување, по примерот на Хрватска, кој секако ќе биде и составен дел од новиот систем за цивилна заштита во државата.

Панел дискусијата беше  организирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, кој е финансиран од ЕУ, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија и Министерството за локална самоуправа на РСМ, а домаќини на истиот беа Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, Националниот Сојуз за Планинско Спасување и Алпинистички клуб Патагонија Охрид.