Параглајдинг несреќа на Галичица – брза и сложена интервенција на ПСС

ПСС лого

Вчера, околу 18:30 часот, оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид прими повик за помош од група параглајдеристи кои летале од падините на Галичица.

Тие пријавија дека нивен пријател, државјанин на Сојузна Република Германија, од засега непознати причини доживеал тежок пад од поголема височина на исклучително непристапен и карпест терен.

За среќа, во тој момент тројца спасители на Планинската спасителна служба се наоѓаа во Планинската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој дел од планината. Веднаш по приемот на дојавата, екипата за помалку од 15 минути пристигна до местото на несреќата, изврши примарен преглед и имобилизација на повредениот, по што започна комплексна спасувачка операција и транспорт по стрмен и исклучително тежок терен.

Дополнителна отежнувачка околност претставуваа ноќните услови, во кои се одвиваше поголемиот дел од интервенцијата. И покрај тоа, по повеќе од еден час интензивни активности, во 20:20 часот повреденото лице беше безбедно евакуирано и спуштено до асфалтниот пат кај превојот Баба.

На локацијата, повредениот беше предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид, по што веднаш беше транспортиран во Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. За жал, лекарските прегледи констатираа фрактури на пет пршлени во долниот дел од рбетот.

Планинската спасителна служба му посакува брзо и успешно опоравување на повредениот и упатува апел до сите посетители и љубители на планината за зголемена претпазливост и одговорно однесување при активности на отв

орено, особено во услови на променливо време и скратен дневен период.

ПСС останува постојано на располагање за помош и поддршка, но уште еднаш потсетува дека безбедноста секогаш треба да биде на прво место.