Повик за интервенција на планината Јабланица – ангажирана воздухопловна асистенција

Утрово, оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид беше алармиран за интервенција на планината Јабланица, каде женско лице од Струга се здобило со сериозна повреда на скочниот зглоб.

Поради сложеноста на теренот и големата оддалеченост од најблискиот пристапен пат, Планинската спасителна служба се обрати до Центар за управување со кризи со барање за ангажирање на воздухопловна асистенција. Паралелно со тоа, како мерка на претпазливост, беше активиран тим од шест спасители на ПСС, кои со теренско возило се упатија кон планината, со цел пешки да пристапат до повреденото лице доколку не постои можност за интервенција со хеликоптер.

За среќа, во текот на утринските часови беше ангажиран хеликоптер на Министерство за внатрешни работи, кој во содејство со припадници на Специјалната антитерористичка единица е на пат кон местото на настанот. Со оглед на обезбедената воздухопловна поддршка, теренскиот тим на Планинската спасителна служба се повлекува од терен.