Превојот Баба повторно блокиран поради снег – успешна интервенција на Планинската спасителна служба на Галичица

Новиот снег кој наврна во текот на изминатите два дена, во комбинација со силниот североисточен ветер, повторно доведе до создавање снежни наноси и целосно го блокираше превојот Баба на планината Галичица. Поради ваквите неповолни временски услови, патниот правец моментално не е прооден за моторни возила.

Планинската спасителна служба упатува апел до граѓаните и посетителите да не се обидуваат да го минуваат овој превој со возила, со цел да се избегнат опасни ситуации и загрозување на личната безбедност. Се очекува, по стабилизирање на метеоролошките услови, патниот правец повторно да биде ставен во функција.

Во контекст на актуелните услови, на 18.03.2025 година во 16:30 часот, во Регионалниот центар за гранични работи Запад при Министерство за внатрешни работи беше пријавено дека две лица – странски државјани – се заглавени во снежен нанос со возило на подрачјето на Национален парк Галичица и побарале итна помош.

По пријавата, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Св. Наум, претставник од Националниот парк Галичица и екипа на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид веднаш излегоа на терен. На околу 200 метри под црквата „Св. Ѓорѓија“ беа пронајдени лицата J.C. (35) и O.B. (32), државјани на Република Чешка, кои со кампер возило „Мерцедес“ со чешки национални регистарски ознаки останале заглавени во снежен нанос.

Со навремена и координирана интервенција, лицата и возилото беа безбедно извлечени, без последици по нивното здравје. Планинската спасителна служба повторно апелира до јавноста да ги почитува официјалните предупредувања и препораки при движење во планински подрачја во зимски услови.