ПСС при Црвен крст Охрид и АК Патагонија во поддршка на гаснењето на пожарите на Галичица

Во изминатите две недели, тимовите на ПСС при Црвен крст Охрид и Алпинистички клуб Патагонија Охрид беа активно вклучени во справувањето со пожарите во охридскиот регион, со особен ангажман на подрачјето на Национален Парк Галичица, каде огнот зафати делови од зоната со строга заштита. Поради постојаното присуство на терен, немавме можност навремено да информираме, но по стабилизирањето на состојбата чувствуваме обврска јавно да се заблагодариме за поддршката, грижата и солидарноста што ја добивме од граѓаните.

Операцијата се одвиваше во сложени и ризични услови, а активностите беа координирани од управата на паркот, со силна поддршка од Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за одбрана, чија воздушна и копнена поддршка беше од клучно значење во најтешките фази.

Искрена благодарност упатуваме до сите професионални и доброволни пожарникари, ренџерите од Езерани, Пелистер и Вевчански извори, како и до бројните доброволци и донатори кои обезбедија храна, вода и опрема за тимовите на терен.

Иако нашата примарна мисија не е гаснење пожари, се вклучивме водејќи се од одговорноста кон планината која ја доживуваме како втор дом. Нашето искуство во движење низ тежок планински терен, физичката подготвеност и соодветната опрема овозможија да делуваме таму каде што пристапот беше најтежок. На северниот фронт, во високата зона, рачно беа изработени заштитни појаси во должина од 7,5 километри, со што пожарот беше задржан над највредните шумски подрачја сè до доаѓањето на дождот. Во текот на целата операција, Планинската куќа Спиридон претставуваше главна логистичка и организациска база за нашите тимови.

А сега, со особена благодарност, неколку зборови за луѓето без кои ова немаше да биде можно – нашите волонтери: заморот ќе помине, опремата ќе се обнови, но чувството на заедништво, заемната грижа и свеста дека го вложивме максимумот за заштита на Галичица ќе останат трајна вредност. Да останеме здрави, обединети и секогаш подготвени да помогнеме кога е најпотребно.