Висока средба со амбасадорот на Европската Унија во Охрид

Денес, на иницијатива на претседателот на Национален сојуз за планинско спасување (НСПС), г-дин Антонио Додевски, во Оперативниот и тренинг центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид се одржа значајна средба со Неговата Екселенција, амбасадорот на Делегација на Европската Унија, г-дин Михалис Рокас.

Во рамки на посетата, амбасадорот Рокас се запозна со инфраструктурата, опремата и човечките капацитети со кои располага Планинската спасителна служба од Охрид, како и со нејзината улога во системот за заштита и спасување на планински и тешко пристапни терени. Презентирани беа тековните и планираните активности и проекти на НСПС, насочени кон унапредување на планинското спасување на национално ниво и кон изградба на функционален и одржлив систем за координирано дејствување.

Претседателот на НСПС, г-дин Додевски, го информираше амбасадорот за организациската структура и мрежата на локални спасителни тимови кои функционираат на волонтерска основа, како и за предизвиците поврзани со нивното системско препознавање и интегрирање во државниот систем за цивилна заштита.

На средбата присуствуваа и претседателот на Црвен крст Охрид, г-дин Сашо Точков, и секретарот, г-ѓа Мимоза Ставрева, кои ја истакнаа долгогодишната поддршка на Црвен крст Охрид кон Планинската спасителна служба, која повеќе од две децении претставува значаен безбедносен фактор во охридскиот регион.

Амбасадорот Рокас ја изрази својата поддршка и позитивна оценка за капацитетите и организацискиот модел на ПСС Охрид, нагласувајќи дека ваквите примери на стручно обучени и самоорганизирани тимови се во согласност со европските вредности и претставуваат основа за развој на ефикасен и одржлив систем за заштита и спасување.

Средбата претставува важен чекор во зајакнувањето на соработката помеѓу граѓанските иницијативи и институциите, со заедничка цел – побезбедни планини и поефикасен систем за заштита и спасување на национално ниво.