Бурно тримесечје за ПСС

Во периодот од 01.01.2021 до 31.03.2021 година, Оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, регистрира рекордни 27 повици, од кои во 22 наврати интервениравме на терен, а во 5 само со совети преку телефон.

Покрај големиот број повици, нетипична беше и појавата во еден ден да имаме по два повици, како и природата на интервенциите, од кои една интервенција со сериозни повреди, една интервенција за достава на храна и лекови на бачило оддалечено 3 км од село Свињишта, две асистенции за извлекување на беспилотни летала заглавени на дрво, 17 асистенции врз заглавени возила во снег на превојот Баба на Галичица и една интервенција за спасување на домашно милениче.

Сите овие интервенции и нивната природа, укажуваат на сѐ поголемата активност на планините, како и на довербата која ја имаат граѓаните од регионот во Планинската Спасителна Служба и сигурноста дека на секој повик, ќе добијат брза и ефикасна помош. Иако најголемиот дел од интервенциите беа поради несовесноста на граѓаните кои не ги почитуваа сообраќајните правила и забраната за движење на превојот од Галичица, сепак нашата совесност не дозволи да останеме глуви, токму поради самиот факт дека станува збор за луѓе кои се заглавени на надморска висина  од 1650 м, на сурови зимски услови. Овој вид асистенции не се дел од нашата примарна дејност и ни одземаат голема енергија, но и ресурси кои би можеле во истиот момент да бидат потребни за спасување на човечки животи.

Првото тримесечје од годината, го одбележа и пристигнувањето на новите специјализирани АТВ возила и опремата за спасување во зимски услови, како и големиот број тренажни денови со истите. Овие возила и опремата, се набавени во рамки на вториот проект кој Црвен крст Охрид во соработка со Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА Охрид, Општина Дебрца и Општина Грамш од Албанија го спроведуваат со финансиска поддршка од Европската Унија, преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија. Целта е унапредување и јакнење на системот за спасување на планина во прекуграничниот регион, со што значително ќе се подобри конкурентноста на истиот во однос на другите региони за развој на авантуристички туризам.

Ви посакуваме безбедни планински авантури и добро здравје.