Категорија: Акции
Втора интервенција во населбата Канео
Утрово, во 9:25ч. колега од ПСС кој живее во населбата Канео, побара асистенција од своите колеги, за имобилизација и транспорт на сосетка, која извршувајќи ги секојдневните работи во својот дом, паднала и се здобила со тешка скршеница на подколеницата. Тимот на ПСС, за 13 мин. пристигна на местото на настанот, изврши комплетна имобилизација на повредениот екстремитет со помош на современо вакуум помагало, како и дополнителна имобилизација на целото тело на повредената, со цел безбеден транспорт по стрмните и тесни улички во населбата. По имобилизацијата, со мултифункциско носило, наменето за делување во комплексен планински терен, повредената беше транспортирана до црквата Св. Софија, од каде со возило на ПСС, беше пренесена во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, на понатамошен лекарски третман.
Ова е втор ваков случај годинава, во кој Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, асистира на граѓаните и на здравствените служби, за безбедна евакуација на повредени жители од населбата Канео, каде што конвенционалните методи на останатите служби едноставно се неприменливи.
Овие случаи, за среќа со повреди кои не се живото загрозувачки, уште еднаш го активираат алармот за неопходност од набавка на специјализирани пловни објекти, кои значително ќе ја зголемат ефикасноста на спасителните тимови, во тешко достапните крајезерски населби и туристички локалитети.
На госпоѓата и посакуваме брзо опоравување, а на жителите од населбата Канео, како и на сите граѓани од регионот им порачуваме навремено да не контактираат на нашата СОС линија 13-112, секогаш кога имаат потреба од наша помош.
Уште една асистенција за евакуација на лице заглавено со возило на Галичица
Во текот на вчерашниот ден, во 20:36ч. оперативниот центар на ПСС беше алармиран од Центарот за управување со кризи, со информација дека на планинскиот превој Баба на Галичица, е заглавено едно лице со својот автомобил. За жал, поради испразнетата батерија на мобилниот телефон на лицето, не бевме во можност да го контактираме. Во согласност со првичната информација дека пристигнал со возило од граничниот премин Св. Наум, веднаш еден тим на ПСС се упати кон превојот Баба од охридска страна. Оперативниот тим беше во постојана комуникација со Граничната полиција, која исто така со едно возило излезе на терен од охридска страна. По пристигнување на лице место, каде патот е целосно непрооден поради снежни навеви, тимот на ПСС констатира дека возилото не е заглавено на охридската страна и дека најверојатно се наоѓа на другата страна од превојот. Тимот на ПСС продолжи пешки преку превојот во обид да го лоцираат заглавеното возило и лицето, а оперативниот центар побара од граничната полиција да испратат возило од преспанска страна. Во 22:13ч. полицијата го лоцира возилото на крстосницата на регионалниот пат со патот за Два Јавори (поранешен ски центар Отешево). Лицето беше евакуирано, а тимот на ПСС се повлече од планината.
Оваа асистенција е 28-ма од ваков тип оваа година, од вкупно 40 интервенции кои ПСС ги има реализирано годинава, а од кои дури 12 интервенции беа за спасување на повредени со сериозни повреди.
Уште еднаш, сакаме да апелираме до љубителите на планинските авантури, да не се обидуваат со возила да го минуваат превојот Баба на Галичица и да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувања на овој патен правец.
Потсетуваме и дека во иднина, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид на овој превој ќе интервенира само во случаи за евакуација на заглавени лица, но не и за извлекување на нивните возила. Повиците за извлекување на заглавени возила, ќе бидат пренасочувани кон комерцијалните шлеп служби, кои се соодветно опремени и даваат такви услуги.
Успешно извлечено домашно милениче во месноста Канео
Утрово во 08:15ч. оперативниот центар на ПСС беше алармиран од загрижен граѓанин, чие домашно милениче, куче од расата лабрадор, заглавило на тесна полица, над 15-ина метри стрмна карпа, во непосредна близина на црквата Св. Јован Канео.
Четири члена екипа веднаш излезе на терен и безбедно го извлече преплашеното милениче.
Секогаш се радуваме кога со нашите интервенции ги правиме луѓето среќни. Нивната радост ги исполнува и нашите срца. Знаеме дека Лејди, друг пат нема да ризикува на карпест терен.
Трета интервенција во месец Јули
Денес во 12:00ч., во оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба, беше пријавено дека движејќи се по патеката од с. Трпејца, кон манастирот Св. Богородица Захумска (Заум), средовечна госпоѓа се здобила со сериозна повреда на ногата и не можела самостојно да продолжи. По утврдување на точната локација, а имајќи го предвид сообраќајниот метеж на патниот правец Охрид – Св. Наум во овој период од годината, оперативниот центар на ПСС одлучи за оваа интервенција да искористи дел од ресурсите од Единицата за безбедност на вода, која исто така делува во состав на Црвен крст Охрид. Благодарение на пловниот објект, до местото на незгодата тимот стигна за 20-тина минути. Веднаш ѝ беше укажана помош на повредената, со имобилизација на ногата, по што со помош на мултифункциско носило, беше безбедно спуштена до брегот на езерото. Повредената со пловниот објект беше транспортирана до с. Пештани, од каде во 13:15ч. ја презеде возило на итната медицинска помош од Охрид и ја пренесе во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ на понатамошен третман.
Оваа интервенција, трета по ред во месец јули, уште еднаш ја истакнува спремноста на спасувачките тимови при Црвен крст Охрид, кои располагаат со соодветни вештини, опрема и возила, со чија помош, ваквите интервенции се сведуваат на рутинска операција и се изведуваат максимално безбедно и со голема прецизност и ефикасност.
На Госпоѓата и посакуваме брзо закрепнување, а на сите посетители на регионот безбедни планински авантури.
Уште една интервенција на ПСС, за среќа и овој пат без повредени лица
Доцна попладнево, во 19:15 часот, оперативниот центар на ПСС беше алармиран од посетител на плажата во Љубаништа, барајќи помош за евакуација на параглајдерист, кој принудно слетал на високо стебло во месноста Војтино.
Според првичните информации, параглајдеристот не бил повреден, но поради висината на стеблото на кое се закачил, не можел самостојно да се спушти. По кратко време, лицето кое нѐ алармира, нѐ поврза со водачот на групата параглајдеристи од Украина, кој ни потврди дека им е потребна помош и ни даде ГПС координати од местото на незгодата.
Веднаш беше мобилизиран еден тим од ПСС, кој со теренско возило и соодветна техничка опрема се упати на терен. Во 20:35 часот, тимот пристигна на самото место, на 1300 м надморска височина, длабоко во густата букова шума на Војтино, каде ги затекна пријателите на заглавениот параглајдерист, кои претходно 5 часа безуспешно се обидувале да му помогнат.
Веднаш беше поставен систем за извлекување на параглајдеристот, кој беше заглавен на 15-тина метри над земјата. За кратко истиот беше безбедно спуштен и заедно со неговите пријатели транспортиран до асфалтниот пат Охрид – Св. Наум, од каде ги презеде нивно возило. За жал, поради безбедносни причини, беше невозможно да се спаси и крилото, кое со видливи оштетувања, остана да виси заглавено на високата крошна од дрвото. Акцијата заврши во 22:40 часот, со безбедно враќање на тимот во оперативниот центар на ПСС во Охрид.
Повеќе од 12 часа неизвесност со среќен епилог на Плакенска планина
Доцна синоќа во 23:28ч. оперативниот центар на ПСС беше алармиран од граѓанин на Охрид, со информација дека негов близок роднина, кој заедно со уште две други лица бил на мото крос тура на Плакенска планина, се оделил од групата и сеуште не се вратил од планината.
По проверка на информациите и воспоставен контакт со останатите членови на групата, дознавме дека групата од три моторни возила (2 АТВ-а и 1 мото крос) заедно биле на тура на Сталев камен, од каде требало да се спуштат до селото Куратица, за да ја завршат турата. Од непознати причини, возачот на кросот, од врвот Сталев камен, тргнал надолу неколку минути пред останатите и за кратко време им се изгубил од видикот. Останатите двајца возачи, во надеж дека брзо ќе го стигнат, побрзале надолу и откако забележале дека премногу е оддалечен, се обиделе да го контактираат на мобилен телефон во 18:45ч. За несреќа, телефонот на изгубеното лице бил со испразнета батерија и, веднаш по воспоставувањето на контакт, се исклучил без да успеат да разберат што се случило. Двајцата возачи на АТВ возила, одлучиле да се спуштат во с. Куратица и да проверат дали можеби третиот е веќе стигнат. Откако се осигурале дека возачот на кросот не е стигнат на крајната дестинација, со останати соселани се организирале и со неколку теренски возила се вратиле во планината, во потрага по изгубениот возач.
Мештаните, кои одлично ја познаваат планината, при отежнати услови во ноќните часови, ги поминале сите можни планински патишта, дури и по неколку пати, но без успех. Поради тоа и поради сомнеж дека можеби станува збор за сериозна несреќа, одлучиле да побараат помош од Планинската Спасителна Служба.
Согласно протоколот за делување во вакви ситуации, ПСС мобилизира 8 припадници, од кои 5 веднаш се упатија на терен со едно теренско возило и едно АТВ, тројца останаа во оперативниот центар да ја подготват логистиката за долготрајно пребарување, а останатите беа алармирани да бидат во приправност. Тимот пристигна на местото на настанот во 01:20ч., каде во придружба на мештаните изврши првично извидување на теренот и брифинг за дотогаш преземените дејствија.
Откако беше констатирано дека сите шумски патишта во високата зона од планината се пребарани по неколку пати, во 03:00ч. беше одлучено сите тимови да се повлечат до изгрејсонце, кога потрагата би продолжила на дневна светлина. Поради големината на планинскиот масив, брзината со која моторист може да се движи на таков терен, како и природата на можните повреди кои би настанале при евентуален пад, одлучивме во операцијата за пребарување, да побараме асистенција од воздухоплов, за што веднаш упативме барање до Центарот за управување со кризи.
Рано утрото во 6:15ч. раководителот на ПСС беше контактиран од страна на директорот на ЦУК г-дин Стојанче Ангелов, со информација дека хеликоптер на армискиот воздухопловен ВИНГ е веќе одобрен, но поради нивна вклученост во гаснење на шумските пожари кои беснеат во неколку региони на државата, истите ќе бидат во stand by позиција, а за кратко се очекува и потврда од МВР, чиј хеликоптер би се вклучил во потрагата.
Веќе во 07:30ч. хеликоптерот полета од Скопје и во 08:10ч. започна со детално пребарување на високите зони од планината на потегот од превојот Буково, сѐ до Илинска Планина на север. За жал, и по 2 часа детално пребарување, немаше резултати, по што хеликоптерот се повлече, а тимот на ПСС веќе започна со подготовка на план за детално теренско пребарување. Од логистички аспект ова е најсложена операција, која бара вклученост на голем број луѓе и целосна логистика за нивно безбедно делување. Поради тоа, на терен се упатија и 10 припадници на полицијата од СВР Охрид.
За среќа, во 10:20ч. бевме информирани дека лицето по кое се трага, се јавило на негови блиски и ги информирало дека по цела вечер талкање низ планината, успеал да се спушти во с. Брежани, каде се наѓа во моменот само со лесни повреди. По оваа среќна информација, акцијата е прекината, а тимовите од ПСС, полицијата и локалното население се повлекоа од планината.
Среќниот епилог на акцијата, ја претвори истата во одличен тест и вежба за координација помеѓу ПСС и државните институции, како и нивната меѓусебна соработка во случаи кога станува збор за организирање на ефикасни операции за спасување на човечки животи. Оваа непланирана „вежба“, докажа дека како општество, имаме доволен капацитет, соодветно едуциран персонал и современа опрема, а ни недостасуваат само дефинирани Стандардни Оперативни Процедури (СОП) за меѓусебно координирано делување.
Во овој случај, целиот систем беше навреме и ефикасно координиран, благодарение на личните заложби од ВД директорот на ЦУК г-дин Стојанче Ангелов, кој и сам констатира дека она што мора најбрзо да се менува, е токму зависноста на системот од личните релации на поединци, наместо од потребите на самите оперативни тимови кои делуваат на терен.
На крајот, сакаме уште еднаш да апелираме до сите љубители на планинските авантури, да ги почитуваат основните правила за движење и однесување на планина, да не ги потценуваат планините и да не ги преценуваат сопствените способности, за време на турите да се движат во групи од кои нема да се издвојуваат, како и да поседуваат соодветна опрема за условите и мобилен телефон со полна батерија, како би можеле навреме да побараат помош во случај на несреќа.
Уште една АТВ несреќа во Охрид
Денес во 18:05 ч. оперативниот центар на ПСС беше алармиран од страна на Итната Медицинска Помош од Охрид, која добила повик од граѓанин за помош на настрадани лица при несреќа предизвикана по пад од АТВ. Со оглед на тоа што несреќата се случила на земјен планински пат, на околу 10 км оддалеченост од најблискиот асфалтен пат, за интервенцијата беше повикана ПСС при Црвен крст Охрид. Веднаш беа мобилизирани два тима од ПСС, кои со две теренски возила се упатија на местото на несреќата, каде на две лица, странски државјани, им беше укажана Прва помош. Повредените беа соодветно имобилизирани и подготвени за транспорт, по што беа предадени на Итната Медицинска Помош од Охрид во 19:10 ч., која ги пренесе во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо, на понатамошен лекарски третман.
Оваа интервенција, втора од ваков тип, која се случува непосредно пред почетокот на туристичката сезона, уште еднаш ја нагласува неопходноста од сериозен пристап во организација на системот за управување со ризици, со цел обезбедување квалитетна понуда, како и ефикасно делување во случај на несреќи, кои во авантуристичкиот туризам неминовно се случуваат. Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, како значаен дел од системот за управување со ризици, во 2018 и во 2019 година, со финансиска поддршка од ЕУ организираше неколку работилници за давателите на услуги во авантуристичкиот туризам, кои очигледно е неопходно редовно да се одржуваат, барем еднаш годишно, пред почетокот на туристичката сезона, како составен дел од превентивните активности. Исто така, издаден беше и посебен прирачник за Управување со ризици во авантуристичкиот туризам (достапен on line на следниот линк: https://pss.org.mk/za-nas/).
Сето тоа, како и големите трошоци кои се генерираат при изведување на спасителните операции, се дел од нашите барања за вклученост на локалните самоуправи од регионот, во дел од финансиската одржливост на ПСС, што за жал не наиде на разбирање од страна на народните избраници. Големиот број на интервенции и асистенции од почетокот на годината, кои до овој момент се 32 на број, го засилуваат алармот за одржливост, што нѐ принудува веќе да размислуваме за воведување на нови форми за одржливост на ПСС, што за жал, во иднина ќе паднат на товар на граѓаните, кои и покрај тоа што се даночни обврзници во државата, сепак ќе треба сами да ги плаќаат трошоците за ефикасно делување на Планинската Спасителна Служба.
Потрага по залутан собирач на шумски плодови
Хируршки прецизно, согласно досегашната статистика, во периодот мај-јуни ПСС добива по неколку СОС повици за залутани или повредени собирачи на шумски плодови. Токму еден таков повик, денес во 17:15ч. пристигна од граѓани, кои пријавија дека нивни роднина поради невремето кое попладнево го зафати регионот, е дезориентиран на планината и во состојба на хипотермија. За среќа, лицето располагаше со полна батерија на мобилниот телефон и пристап до мобилната мрежа речиси во целиот период на операцијата и беше во непрекинат контакт со оперативниот центар, кој му даваше упатства и се обидуваше да го лоцира. Паралелно, седумчлена екипа на ПСС со теренско возило се упати кон високите делови на планината, за да не се губи време од лоцирањето до евентуалното пресретнување на лицето.
Оперативниот центар, по добивање на повикот, ја извести и полицијата која исто така излезе на терен со една патрола. По кратко време лицето информираше дека излегло на широк земјен пат и во комуникација со тимот, беше одлучено да се движи надолу по истиот, кој според описот треба да слегува во селото Велгошти, што и се потврди на крајот. Во 19:17 часот, лицето излезе на асфалтен пат, каде беше пречекано од патролата на СВР Охрид.
Нестабилната метеоролошка состојба во овој период од годината, лошата подготвеност и опременост, како и потценувањето на планината, се најчести причини за залутување и повреди кај собирачите на шумски плодови. Поради тоа, апелираме на особено внимание, редовно следење на метео прогнозите, движење во групи од најмалку две лица, соодветна опременост, носење на доволни количини на храна и течности, како и мобилни телефони со полни батерии. Во случај на било какви незгоди, од огромно значење е брзото и навремено алармирање на ПСС, за да се спречи дополнителна компликација на состојбите.
Асистенција за поддршка на едрењето во Охрид и подигнување на еколошката свест за одржливо искористување на природните ресурси
Денес, од раните утрински часови, по барање на едриличарите од Охрид, беше спроведена асистенција за спуштање на пловни објекти во Охридското Езеро. Едриличарите со години се соочуваат со апсурден проблем поради непостоење на современа марина за чување на нивните пловни објекти, езерските бисери. Истите се принудени да ги чуваат по нивите, оддалечени неколку километри од езерото, кревајќи ги и спуштајќи ги секоја наредна сезона.
Како промотори на одржливиот туризам и борбата за зачувување на животната средина за идните поколенија, ја делиме истата судбина со едриличарите. Делејќи го нивниот силен ентузијазам, активно се вклучивме со поддршка во нивните напори и борба за што поголем број едрилици, наместо бензиски пловни објекти, да го красат Охридското Езеро.
Покрај ентузијазмот, со едриличарите зедничко ни е и отсуството на поддршка од локалните и државните власти, што уште повеќе нѐ мотивира да се поддржуваме и да си помагаме меѓусебно.
Стоиме на располагање на сите љубители на природата и промотори на еколошки одржливи форми на туризам во нашиот град. Како и до сега ќе продолжиме, во рамките на нашите можности и сили, бесплатно да ги помагаме ваквите активности.
Секогаш тука за Охрид и охриѓани,
Ваша Планинска Спасителна Служба