Промотивно видео за опремата за спасување во зимски услови

Видео презентација на опремата за делување во зимски услови, наменета за Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

Оваа најсофистицирана опрема е од огромно значење за успешно делување, како и за зголемување на мобилноста, безбедноста и ефикасноста на спасителните тимови. Набавена е со финансиски средства од Европската Унија, преку ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“.

Нова специјализирана опрема за хеликоптерско спасување

По воспоставувањето на соработката со армискиот воздухопловен ВИНГ и реализацијата на интензивните заеднички тренинзи минатата година, ја увидовме потребата од специјализирана опрема за хеликоптерско спасување, која поседува високи перформанси за безбедност, но и поедноставување на ваквите операции.

Станува збор за специјализирани мултифункционални носилки и средства за имобилизација, кои првенствено се наменети за хеликоптерско спасување, но може да се користат и во случаи за спасување од технички комплексен терен, каде тежината и издржливоста на опремата имаат клучно значење за ефикасноста и брзината на операциите.

Опремата е од реномираниот италијански бренд КОНГ, кој претставува лидер во светот на иновативните технологии за усовршување на опрема за спасување и истата ги исполнува највисоките критериуми за безбедност. Набавена е во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од ЕУ, во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија. Благодарение на оваа опрема, како и соработката со хеликоптерските единици од армијата и полицијата, во иднина ќе можеме ефикасно да делуваме во прекуграничниот регион, но и пошироко, во случаи на комплексни операции за спасување каде брзината и квалитетот на укажаната помош се од клучно значење за спасување на човечки животи.

Сетот се состои од мултифункциско носило KONG-LECO 2,наменето за транспорт на повредени во сите услови на технички терен (стрмни патеки, тесни премини, вертикални карпи и сл.). Истото е опремено со систем за подигање со хеликоптер, како и со систем за брзо и лесно фиксирање во хеликоптерот. Ова носило, овозможува лесен транспорт на повредени, од местото на несреќата до место погодно за слетување на хеликоптерот, но и негово прикачување и подигање од хеликоптер со помош на хеликоптерско витло.

За најкомплексните хеликоптерски интервенции, во сетот е вклучен и HELIRESCUE KIT – EVEREST, опремен со заштитна вреќа, која го штити повредениот од надворешни влијанија (студ, ветер, дожд, снег и сл.), систем за лесно прикачување на хеликоптерско витло, како и специјална спинална даска за имобилизација изработена од карбон, што значително ја намалува тежината на ова носило и овозможува непречено ренгенско снимање на повредените.

Во рамки на сетот, вклучен е и вакуум душек за имобилизација, без кој не може да се замисли ниту една операција за спасување на планина, но овој пат станува збор за најсовремен, ултра лесен вакуум душек, кој е најмалку два пати полесен од своите конкуренти и адаптиран за брза и лесна монтажа на носилките LECO и EVEREST.

За лесно и безбедно подигање на повредени со хеликоптерско витло, сетот е опремен со систем за спречување на ротациите кои ги предизвикува потисокот на хеликоптерот. Системот е прилагоден за лесна монтажа на носилките LECO и EVEREST, како и со сигурносни елементи за брзо откачување во случај на несакани ситуации.

Предновогодишна забава за најмладите алпинисти и спасувачи

Пред самиот крај на годината, во тренинг центарот на ПСС имавме неповторлива можност да се дружиме со дечињата од членовите на Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА Охрид и волонтерите од Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

Дечињата ни го развеселија центарот и уште еднаш ни покажаа дека детската радост и енергија се неисцрпни и дека ние возрасните треба почесто да се дружиме со нив, ако сакаме вистински да ја доживееме радоста и смислата на животот.

За нашите најмали алпинисти и спасувачи, АК ПАТАГОНИЈА Охрид обезбеди новогодишни подароци, а Планинската Спасителна Служба се погрижи навремено да го донесе и Дедо Мраз, кој со својата санка беше заглавен во големите снежни наноси на Галичица, патувајќи кон Охрид, за да ги израдува сите дечиња. Забавата дополнително ја развесели и познатата охридска тетка Анета Кловнета, која заедно со дечињата, го претвори тренинг центарот на ПСС во голема игротека.

Ја користиме оваа прекрасна прилика да Ви ги честитаме претстојните празници, да Ви посакаме многу здравје, радост и безбедни планински авантури во годината која ни претстои.

Реномираниот портал Ohrid News додели признание на Планинската Спасителна Служба (видео и фото)

Вчера, на годишната ревија на настани за 2021, која порталот Ohrid News ја организира традиционално на крајот од секоја година, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, доби признание ЗА ПОДИГНУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА НА ОХРИД КАКО ТУРИСТИЧКА ДЕСТИНАЦИЈА.

Како што истакна и раководителот на ПСС, за време на свеченото доделување на признанијата, од името на сите волонтери изразуваме голема благодарност до Ohrid News, за доделеното признание, кое навистина ни значи многу, особено затоа што доаѓа на јубилејот од  15 годишното постоење на порталот, кој во изминатите години прерасна во вистински синоним за објективност во информирањето.

Уште еднаш изразуваме благодарност за признанието и ја користиме оваа прилика, на редакцијата од Ohrid News да им го честитаме јубилејот и да им посакаме уште долго време да бидат пример за коректноста и објективноста во информирањето.

Фото: Ohrid News

Уште една асистенција за евакуација на лице заглавено со возило на Галичица

Во текот на вчерашниот ден, во 20:36ч. оперативниот центар на ПСС беше алармиран од Центарот за управување со кризи, со информација дека на планинскиот превој Баба на Галичица, е заглавено едно лице со својот автомобил. За жал, поради испразнетата батерија на мобилниот телефон на лицето, не бевме во можност да го контактираме. Во согласност со првичната информација дека пристигнал со возило од граничниот премин Св. Наум, веднаш еден тим на ПСС се упати кон превојот Баба од охридска страна. Оперативниот тим беше во постојана комуникација со Граничната полиција, која исто така со едно возило излезе на терен од охридска страна. По пристигнување на лице место, каде патот е целосно непрооден поради снежни навеви, тимот на ПСС констатира дека возилото не е заглавено на охридската страна и дека најверојатно се наоѓа на другата страна од превојот. Тимот на ПСС продолжи пешки преку превојот во обид да го лоцираат заглавеното возило и лицето, а оперативниот центар побара од граничната полиција да испратат возило од преспанска страна. Во 22:13ч. полицијата го лоцира возилото на крстосницата на регионалниот пат со  патот за Два Јавори (поранешен ски центар Отешево). Лицето беше евакуирано, а тимот на ПСС се повлече од планината.

Оваа асистенција е 28-ма од ваков тип оваа година, од вкупно 40 интервенции кои ПСС ги има реализирано годинава, а од кои дури 12 интервенции беа за спасување на повредени со сериозни повреди.

Уште еднаш, сакаме да апелираме до љубителите на планинските авантури, да не се обидуваат со возила да го минуваат превојот Баба на Галичица и да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувања на овој патен правец.

Потсетуваме и дека во иднина, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид на овој превој ќе интервенира само во случаи за евакуација на заглавени лица, но не и за извлекување на нивните возила. Повиците за извлекување на заглавени возила, ќе бидат пренасочувани кон комерцијалните шлеп служби, кои се соодветно опремени и даваат такви услуги.

Златен волонтерски сертификат за 2021

По повод 5-ти декември, светскиот ден на волонтерството, бевме позитивно изненадени од Младински културен центар – Битола (Волонтерски центар на Македонија), кој од 2006 година, го доделува ова признание на организации и поединци од државата, кои се истакнале со особена волонтерска активност во изминатата година.

Со задоволство го примивме ова признание, кое за нас претставува мотив повеќе да продолжиме по зацртаниот курс. Сметаме дека волонтерскиот принцип на делување е единствена опција за креирање ефикасен систем за цивилна заштита и спасување, кој не случајно се применува во сите европски држави.

Ентузијазмот и мотивацијата на волонтерите  е секогаш на високо ниво поради нивната пасија за таквата активност, бројот на волонтерите и нивниот интелектуален капацитет се неограничени,  а одржувањето на волонтерските системи е многу поефтино, во споредба со професионалните. Поради тоа, волонтерските системи постигнуваат максимум ефикасност со минимум инвестиција.

Благодариме на МКЦ – Битола за признанието, а на нашите волонтери им честитаме за несебичната посветеност, која очигледно не останува незабележана.

На крајот, ќе ја искористиме оваа прилика, на сите волонтери да им го честитаме денот на волонтерството, со познатата изјава од канадската карлинг репрезентативка Шери Андерсон, која гласи: „Волонтерите не добиваат плата, не затоа што се безвредни, туку затоа што се бесценети“.

Нов планинарски дом во село Брежани, Општина Дебрца

Реконструкцијата на старата училишна зграда во с. Брежани, Општина Дебрца се ближи кон својот крај.

Општина Дебрца ќе добие современ планинарски дом, со капацитет од 20 легла.

Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија и Министерството за локална самоуправа, преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Реализатори на проектот се Црвен крст Охрид, Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА Охрид, Општина Дебрца и Општина Грамш од Албанија.

Градежните активности се одвиваа во насока на зацврстување на објектот со армирано-бетонска конструкција, поставување санитарни јазли и електрична инсталација, поставување нова дограма, како и осовременување на градбата и нејзина преадаптација во планинарски дом.

Потпишан Меморандум за соработка меѓу ПСС и ИПА Охрид (Интернационална Полициска Асоцијација)

Во текот на вчерашниот ден, во просториите на Оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид беше потпишан Меморандум за соработка меѓу ПСС и ИПА Охрид (Интернационална Полициска Асоцијација).

Целта на потпишувањето на Меморандумот е продлабочување на соработката, како и организација во иднина на едукативни работилници за припадниците на полицијата за безбедно изведување на работните обврски на планински терен.

Одржан ЕХО Фестивал на планински филм во Оперативниот центар на ПСС

На наше големо задоволство, а веруваме и на присутната публика, изминатата недела во просториите на Оперативниот и тренинг центар на ПСС, а во соработка со Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид и Културолошка иницијатива 5 до 12, се одржа ЕХО Фестивал на планински филм, со селекција од својата фестивалска програма на последното 12то издание.

Прикажани беа победничките филмови на ЕХО фестивалот, а програмата беше збогатена со 4 презентации.

10 ноември (среда)

18:00 „Ерик Ескофие, страст за живот“, Гаучи Северин/Бертранд Делапјер, Франција, 2020, 52’

18:52 „Матерхорн – Лавовскиот гребен“, Алесандро Белтраме/Ерве Бармас, Италија, 2021, 35’

19:45 Презентација на Културолошка иницијатива 5 до 12: “Со културна револуција до еволуција“

20:15 Презентација на Дејан Ангелоски: „Од Шара до Пиринеи“

21:00 „Со Господ напред, Полјаци“, Адам Нерот, САД, 2020, 88’

11 ноември (четврток)

18:00 „Песни на Духовите од водата“, Николо Бонџорно, Италија, 2020, 100’

20:00 Презентација на ПСС Охрид: „Нашите активности“

20:30 Презентација на Игор Талевски: „Ултра долги уживања на велосипед“

21:00 „П3“, Ден Вилан/Ронгкин Су, Канада, 2021, 14’

„Исповедувањата на еден тркач“, Бачар Катар, Либан, 2020, 29’

„Миртл Симпсон – живот на мраз“, Ли Ен Сајдс, САД, 2019, 34’

Антонио Додевски, раководител на ПСС при Црвен крст Охрид, одржа кратка презентација за нејзините почетоци и активности во изминатиот период, а како благодарност за поддршката на фестивалот организаторите на ЕХО му врачија примероци од досегашните книжевни изданија на ЕХО.

Видео презентација од вежбата за пребарување и спасување на повредени во авионска несреќа

За време на НАТО-ЕАДРЦЦ вежбата за одговор при катастрофи, која се одржа во септември во Охрид, реализиравме успешна соработка со Министерството за Внатрешни Работи, односно со Специјалната Антитерористичка Единица „Тигар“ и воздухопловните единици, со кои изведовме координирана акција за пребарување и спасување на повредени во авионска несреќа, сценарио кое е многу реално за регионот во кој делуваме.