Денес, во 13:25 часот, оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид беше алармиран од страна на Центарот за управување со кризи, за изгубено лице над автокампот Ливадиште. Според пријавата лицето се наоѓало во лоша состојба, дезориентирано, дехидрирано и видно вознемирено.
Според информациите добиени од операторот на ЦУК, наведеното лице располагало со околу 5% капацитет на батеријата од мобилниот телефон, што придонесе за усложнување на ситуацијата. Оперативниот центар на ПСС, веднаш го контактираше лицето, посочувајќи му ги постапките за безбедно очекување на спасителните тимови и со упатство за негово брзо лоцирање, преку СМС системот за лоцирање. За кратко време беше мобилизиран тим од четири спасители, кој се упати веднаш на терен, а во меѓувреме, преку системот за лоцирање стигна и точната позиција на лицето.
Во 14:10 часот, тимот пристигна на локацијата, каде 37 годишниот стружанец беше затекнат во видно изнемоштена состојба, дехидриран, но со стабилни витални параметри. По кратка интервенција, низ густа вегетација и тешко пристапен терен, лицето беше безбедно евакуирано до теренското возило на ПСС, а потоа транспортирано и до сопствениот дом.
Ја користиме оваа прилика, да апелираме до сите љубители на природата и планините, да ги почитуваат основните правила за движење на планински терен, да се движат во групи од најмалку две лица, да поседуваат соодветна опрема за планираната тура, како и доволно количество храна и течности. Исто така, апелираме да внимаваат и на капацитетот на батериите на мобилните телефони, како и да го имаат меморирано СОС бројот на ПСС, доколку се движат на територијата од општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца и Ресен.