Остварена кратка, но многу значајна средба со Г-дин Влатко Јовановски, Шеф на Секретаријат на DPPI SEE

Денес, на наше големо задоволство, оперативниот и тренинг центар на ПСС, го посети шефот на Секретаријатот на DPPI SEE – Disaster Preparedness and Prevention Initiative for South Eastern Europe), г-дин Влатко Јовановски. Покрај можноста одблиску да му ги презентираме капацитетите на ПСС при Црвен крст Охрид, со г-динот Јовановски, разговаравме за актуелните состојби на полето на заштитата и спасувањето во државата, за неопходноста од измени во законската регулатива и решавање на оваа сфера во согласност со европските практики и регулативи, како и за неодамнешното неприфаќање на предлогот за финансиска контрибуција на општина Охрид во буџетот за одржливост на ПСС, што беше оценето како лош сигнал во напорите за обезбедување на сигурност за граѓаните и посетителите во регионот. Г-динот Јовановски, ни изрази силна поддршка за мисијата која ја спроведуваме, не охрабри да продолжиме во напорите за обезбедување на одржливост преку буџетите на локалните и државните институции и ни посочи низа опции за обезбедување на финансиска стабилност и усовршување на волонтерите, преку фондови кои стојат на располагање, сѐ до конечно институционално решение.

На г-дин Влатко Јовановски, му благодариме за посетата и пофалбите, кои многу ни значат како поткрепа на патот кој го одбравме и по кој се пробиваме, рушејќи силни препреки и отворајќи врати за имплементација на современите европски практики во нашата земја.