Денес, во просториите на Планинската Спасителна Служба беше одржана средба со г-динот Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за Заштита и Спасување, на која, на наше огромно задоволство, му беа презентирани работата на ПСС при Црвен крст Охрид, новиот оперативен и тренинг центар, како и проектите кои ги спроведуваме со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.
На средбата беа разгледани можностите за идна поблиска соработка меѓу ПСС Охрид и ДЗС, со цел зголемување на безбедноста на граѓаните, како и подобрување на условите за развој на авантуристичкиот туризам.
Раководителот на ПСС при Црвен крст Охрид го информира Директорот Џафероски дека Службата е подготвена да интервенира 24 часа, 7 дена во неделата на територијата која ја покрива (општините: Охрид, Струга, Вевчани, Дебрца , Ресен и Поградец), како и за тоа дека се подготвени да помогнат во спасителни операции на комплициран технички терен на целата територија на нашата држава.
Директорот Џафероски го истакна своето задоволство од делувањето на ПСС при Црвен крст Охрид, истакнувајќи ја подготвеноста за поблиска понатамошна соработка и поддршка на Службата, со цел нејзино интегрирање во системот за заштита и спасување на Република Северна Македонија.