Отворен ден и заедничка промоција со армискиот воздухопловен ВИНГ

Во текот на вчерашниот ден, од 16:00 до 19:00 часот, во армискиот центар за обука на вода во Охрид беше организиран отворен ден, на кој граѓаните, особено најмладите, имаа можност одблиску да се запознаат со дел од хеликоптерите на армијата, како и со специјализираната опрема за спасување на планина. Отворениот ден, претставуваше своевидна завршница на тридневните тренажни активности на воздухопловниот ВИНГ, во соработка со специјалните армиски единици и припадниците на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. На настанот се вклучија голем број случајни минувачи, како и дечињата од Охрид трчаТ – детска атлетика со своите родители. Спроведувањето на заедничките обуки и тренинзи, како и презентацијата на современата опрема за спасување, ја зголемуваат довербата на граѓаните во системот за цивилно-воена соработка во случај на несреќи. Покрај чувството на сигурност, ваквите настани кај граѓаните ја побудуваат хуманоста, особено кај најмладите и ја развиваат желбата за нивно активно вклучување во иднина, како дел од специјалните воени или цивилни служби, кои секогаш се подготвени да им помагаат на луѓето во неволја. Се надеваме дека некои од големиот број дечиња кои нѐ посетија, веќе сонуваат за својата успешна кариера како пилоти, воени специјалци или вешти алпинисти, спасувачи на планина.