Повторно интервенција на ПСС за неполн месец

Денес, во 9:39 часот, оперативниот центар на Планинската Спасителна Служба, доби повик од граѓанин кој пријави несреќа што се случила при сеча на дрва, на планински терен на потегот од село Косел кон село Опејнца. Според првичните информации, при сечата, поголемо стебло паднало врз еден од работниците и му нанело сериозни повреди. Местото на несреќата беше лоцирано со помош на СМС системот за лоцирање, по што веднаш беше мобилизирана петчлена екипа која се упати на терен и во 10:12 часот пристигна на местото на несреќата.
Кај повредениот, првично беа констатирани повреди во пределот на градите и десното рамо, како и отворена фрактура на лева потколеница. Му беше укажана прва помош, беше целосно имобилизиран и со теренско возило транспортиран до село Косел, од каде во 11:00 часот го презеде возило на Итната медицинска помош и го пренесе во соодветна здравствена установа на понатамошно лекување.
Ова е седма интервенција на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид од почетокот на годината, со која и покрај КОРОНА кризата, статистички е постигнат рекорден број на интервенции заклучно со месец Јули.
Планинската Спасителна Служба, уште еднаш апелира до сите љубители на планината и до оние кои извршуваат одредени стопански дејности на планина, да бидат повнимателни, да бидат подготвени за основно делување во вонредни ситуации, да бидат соодветно опремени за активноста и условите на теренот, како и навремено да се обратат за помош во случај на несреќа, на дежурниот број на ПСС 13112 или на останатите служби СВР Охрид 192, Брза помош 194 или Центар за управување со кризи 195.
На повредениот му посакуваме брзо опоравување од повредите.