НСПС, кој од 2023 година е полноправна членка на ИКАР со највисокиот статус на членство – категорија А, преку учеството на конгресот продолжува да ја зајакнува соработката со меѓународната спасувачка заедница и да ги следи современите практики во планинското спасување.
Програмата опфати стручни предавања, работилници и практични демонстрации од областа на копненото, воздушното и лавинското спасување, спасувањето со кучиња и ургентната планинска медицина. Во фокусот беа примената на современи технологии и дронови, унапредувањето на спасувачките техники, медицинското згрижување на повредените и анализата на сложени спасувачки операции. Конгресот воедно овозможи размена на искуства и дискусии за развојот и усогласувањето на меѓународните стандарди и препораки.
Практичниот дел, организиран во алпскиот амбиент над Инсбрук, овозможи непосредно запознавање со современи спасувачки техники, хеликоптерски операции и специјализирана опрема. Преку демонстрациите и размената на практични искуства, учесниците имаа можност да се запознаат со пристапите што ги применуваат спасувачките тимови во различни земји.
Паралелно со конгресната програма се одржа и саем на опрема за планинско спасување, на кој водечките светски производители ги претставија своите најнови производи, технологии и иновативни решенија.
Учеството на вакви меѓународни собири е значајно за континуираното унапредување на знаењата и вештините на спасувачите и за примената на препораките на ИКАР во домашни услови. За Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, овие насоки се особено важни за подобрување на оперативната подготвеност и квалитетот на спасувачките интервенции.
Размената на знаења и зајакнувањето на меѓународната соработка придонесуваат кон заедничката цел – развој на современ, ефикасен и национално организиран систем за планинско спасување во Македонија, усогласен со стандардите и препораките на ИКАР.












































































