На 28 август 1948 година беше испишана една од најзначајните страници во историјата на планинското спасување. Токму на овој ден, на масивот Вилден Кајзер во Австрија, по покана на Австрискиот алпинистички клуб, пионерите на планинското спасување од повеќе земји се собраа за првпат да разменат знаења, искуства и визии за заедничко делување во најтешките услови.
Оваа средба ја постави основата за формирање на ICAR – International Commission for Alpine Rescue, која во 1955 година официјално започна со своето делување. Денес, ICAR претставува глобална мрежа составена од 123 организации-членки од 41 земја, кои се поврзани преку заеднички стандарди, постојана едукација и меѓусебна поддршка.
ICAR е симбол на меѓународна солидарност, доверба и професионална соработка, но пред сè – на заедничка посветеност кон највисоката мисија: спасување човечки животи во планинските и тешко пристапни подрачја.
По повод Меѓународниот ден на планинското спасување, Планинската спасителна служба изразува длабока почит и благодарност до сите планински спасители ширум светот – професионалци и волонтери – кои со храброст, пожртвуваност и несебична посветеност често ги ставаат сопствените животи во ризик за безбедноста на другите.
Вашата работа е повеќе од служба – таа е повик, мисија и пример за човечност и заедништво.





























