28 август – Меѓународен ден на планинското спасување

На 28 август 1948 година беше испишана една од најзначајните страници во историјата на планинското спасување. Токму на овој ден, на масивот Вилден Кајзер во Австрија, по покана на Австрискиот алпинистички клуб, пионерите на планинското спасување од повеќе земји се собраа за првпат да разменат знаења, искуства и визии за заедничко делување во најтешките услови.

Оваа средба ја постави основата за формирање на ICAR – International Commission for Alpine Rescue, која во 1955 година официјално започна со своето делување. Денес, ICAR претставува глобална мрежа составена од 123 организации-членки од 41 земја, кои се поврзани преку заеднички стандарди, постојана едукација и меѓусебна поддршка.

ICAR е симбол на меѓународна солидарност, доверба и професионална соработка, но пред сè – на заедничка посветеност кон највисоката мисија: спасување човечки животи во планинските и тешко пристапни подрачја.

По повод Меѓународниот ден на планинското спасување, Планинската спасителна служба изразува длабока почит и благодарност до сите планински спасители ширум светот – професионалци и волонтери – кои со храброст, пожртвуваност и несебична посветеност често ги ставаат сопствените животи во ризик за безбедноста на другите.

Вашата работа е повеќе од служба – таа е повик, мисија и пример за човечност и заедништво.

Висока средба со амбасадорот на Европската Унија во Охрид

Денес, на иницијатива на претседателот на Национален сојуз за планинско спасување (НСПС), г-дин Антонио Додевски, во Оперативниот и тренинг центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид се одржа значајна средба со Неговата Екселенција, амбасадорот на Делегација на Европската Унија, г-дин Михалис Рокас.

Во рамки на посетата, амбасадорот Рокас се запозна со инфраструктурата, опремата и човечките капацитети со кои располага Планинската спасителна служба од Охрид, како и со нејзината улога во системот за заштита и спасување на планински и тешко пристапни терени. Презентирани беа тековните и планираните активности и проекти на НСПС, насочени кон унапредување на планинското спасување на национално ниво и кон изградба на функционален и одржлив систем за координирано дејствување.

Претседателот на НСПС, г-дин Додевски, го информираше амбасадорот за организациската структура и мрежата на локални спасителни тимови кои функционираат на волонтерска основа, како и за предизвиците поврзани со нивното системско препознавање и интегрирање во државниот систем за цивилна заштита.

На средбата присуствуваа и претседателот на Црвен крст Охрид, г-дин Сашо Точков, и секретарот, г-ѓа Мимоза Ставрева, кои ја истакнаа долгогодишната поддршка на Црвен крст Охрид кон Планинската спасителна служба, која повеќе од две децении претставува значаен безбедносен фактор во охридскиот регион.

Амбасадорот Рокас ја изрази својата поддршка и позитивна оценка за капацитетите и организацискиот модел на ПСС Охрид, нагласувајќи дека ваквите примери на стручно обучени и самоорганизирани тимови се во согласност со европските вредности и претставуваат основа за развој на ефикасен и одржлив систем за заштита и спасување.

Средбата претставува важен чекор во зајакнувањето на соработката помеѓу граѓанските иницијативи и институциите, со заедничка цел – побезбедни планини и поефикасен систем за заштита и спасување на национално ниво.

Значајна средба и заедничка теренска активност со раководството на МВР и СВР Охрид

Минатиот викенд, Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид реализираше значајна заедничка теренска активност со повеќе од сто полициски службеници од СВР Охрид, со кои континуирано соработува при спасувачки интервенции на планински и тешко пристапни терени. Активноста беше организирана во форма на еднодневен планински марш, со цел унапредување на меѓусебната координација, довербата и тимската подготвеност.

На настанот присуствуваа началникот на СВР Охрид, г-дин Игор Смилевски, раководството на СВР Охрид, како и директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерство за внатрешни работи, г-дин Александар Јанев. Во рамки на посетата, директорот на Бирото претходниот ден го посети Оперативниот и Тренинг центар на Планинската спасителна служба во Охрид, како и спасителната станица во Планинската куќа „Спиридон“ на Галичица.

Посетата овозможи директен увид во инфраструктурата, о

премата и организациската поставеност на спасителните тимови, кои иако функционираат на волонтерска основа, претставуваат важен дел од системот за спасување и превентивно делување во планинските подрачја.

Претседателот на Национален сојуз за планинско спасување, Антонио Додевски, ги презентираше структурата и капацитетите на НСПС, при што беше истакната потребата од понатамошно унапредување на координацијата, реализација на заеднички обуки и воспоставување стандардизирани протоколи за интервенција.

Оваа активност претставува значаен чекор кон зголемување на ефикасноста и подготвеноста при спасувачки операции, со заедничка цел – унапредување на безбедноста на граѓаните и посетителите во планинските и руралните подрачја.

Навремена реакција на ПСС: параглајдерист безбедно евакуиран на Галичица

Вчера, околу 16:30 часот, до оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид беше упатен повик за помош од вработен во Национален парк Галичица. На наплатниот пункт „Дервен“, државјанин на Република Турција пријавил дека негов пријател – параглајдерист – принудно слетал во околината на врвот Магаро и има потреба од евакуација.

По воспоставена брза координација и утврдување на точната локација, лицето беше лоцирано на тешко пристапен, карпест терен на западната страна од планината Галичица. Според информациите, несреќата се случила околу 16:00 часот, кога, од засега непознати причини, пилотот изгубил целосна контрола над параглајдерското крило и бил принуден да го активира резервниот падобран. За среќа, при слетувањето не се здобил со физички повреди.

Од моментот на пријавата, оператор на Планинската спасителна служба беше во постојан телефонски контакт со параглајдеристот, со цел да ја следи неговата состојба и да дава насоки. Во исто време, спасувач од ПСС кој се наоѓаше во Планинската куќа „Спиридон“ веднаш се упати кон локацијата, додека дополнителен тим од пет спасители остана во приправност во Охрид, подготвен за интервенција доколку состојбата се усложни.

Околу 18:00 часот, спасувачот безбедно пристигна до параглајдеристот, му обезбеди храна и вода и заедно, безбедно, се упатија кон Планинската куќа „Спиридон“, со што интервенцијата беше успешно завршена.

Со оглед на исклучително тешкиот терен, околностите на настанот и поволниот исход без повреди, оваа интервенција претставува уште еден пример за навремена реакција, добра координација и среќен сплет на околности.

Планинската спасителна служба упатува благодарност до сите вклучени во интервенцијата и на пилотот му посакува безбедни и успешни летови во иднина.

Повик за интервенција на планината Јабланица – ангажирана воздухопловна асистенција

Утрово, оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид беше алармиран за интервенција на планината Јабланица, каде женско лице од Струга се здобило со сериозна повреда на скочниот зглоб.

Поради сложеноста на теренот и големата оддалеченост од најблискиот пристапен пат, Планинската спасителна служба се обрати до Центар за управување со кризи со барање за ангажирање на воздухопловна асистенција. Паралелно со тоа, како мерка на претпазливост, беше активиран тим од шест спасители на ПСС, кои со теренско возило се упатија кон планината, со цел пешки да пристапат до повреденото лице доколку не постои можност за интервенција со хеликоптер.

За среќа, во текот на утринските часови беше ангажиран хеликоптер на Министерство за внатрешни работи, кој во содејство со припадници на Специјалната антитерористичка единица е на пат кон местото на настанот. Со оглед на обезбедената воздухопловна поддршка, теренскиот тим на Планинската спасителна служба се повлекува од терен.

Министерот за спорт Борко Ристовски во посета на Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид и Тренинг-центарот на Планинската Спасителна Служба

По минатонеделната средба со раководството на Македонска алпинистичка федерација во Скопје, министерот за спорт г. Борко Ристовски  вчера престојуваше во Охрид, каде што го посети Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА и Тренинг-центарот на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид (Ohrid red cross – Mountain Rescue Service). Овој центар е воедно и седиште на НСПС – Национален Сојуз за Планинско Спасување, каде се спроведува едукација и обука на спасувачи од целата држава.

На средбата присуствуваше и градоначалникот на општина Охрид, г. Кирил Пецаков, долгогодишен поддржувач на алпинизмот во Охрид и на хуманата мисија која алпинистите ја реализираат преку Планинската Спасителна Служба.

Алпинистите од клубот и волонтерите во ПСС му ја презентираа на министерот инфраструктурата, опремата и возилата со кои располага службата, како и важноста на континуираната поддршка од општината, која е клучна за одржување на оперативната подготвеност, но и за унапредување на спортската дејност.

Претседателот на клубот Антонио Додевски – воедно претседател на Националниот Сојуз за Планинско Спасување и член на Управниот одбор на Македонската Алпинистичка Федерација – ја истакна важноста на алпинизмот како спорт кој има и силен општествен придонес. Покрај спортските вредности, алпинизмот има значајна улога во заштитата и безбедноста на посетителите во планинските предели, како и во развојот на авантуристичкиот туризам.

Тој потенцираше дека токму преку ангажманот на алпинистите од МАФ, низ повеќе од 20 години посветена работа и обуки, се воспоставија национални стандарди за водичи и спасувачи, кои денес се меѓународно признати преку членството во организациите UIMLA и ICAR. Овие стандарди претставуваат основа за безбедно движење во планина и брза, ефикасна интервенција при несреќи.

Министерот Ристовски го изрази своето задоволство од постигнатото и најави зголемена поддршка за алпинизмот и за сите општествено-корисни иницијативи во кои волонтерски учествуваат алпинистите.

Од името на Македонската Алпинистичка Федерација, клубовите и сите членови, искрено му благодариме на министерот Ристовски за посетата, интересот и поддршката за развојот на македонскиот алпинизам.

Едукативна посета на децата од „Полетарче“ во Оперативниот центар на Планинската спасителна служба

Во духот на дружење, игра, забава и спорт, децата кои ја следат програмата во едукативниот центар „Полетарче“ при Црвен крст Охрид го одржаа последниот час од пролетниот циклус на Програмата за подготовка на деца за во училиште во Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид.

За време на посетата, децата имаа можност одблиску да се запознаат со работата на планинските спасители и со улогата на Планинската спасителна служба во заштитата и спасувањето во планински и тешко пристапни подрачја. Нивното љубопитство беше задоволено преку кратки видео-презентации од реални спасителни акции, како и преку практична презентација на дел од опремата што се користи при интервенции.

Посебен интерес кај најмладите предизвика демонстрацијата на основни техники за искачување на вештачката карпа, каде децата, соодветно на нивната возраст, имаа можност да се запознаат со елементарните принципи на безбедно движење и користење на заштитна опрема.

Оваа едукативна активност претставува пример за успешна соработка помеѓу едукативните програми на Црвен крст Охрид и Планинската спасителна служба, со цел развивање на свеста кај децата за безбедност, тимска работа и почит кон природата уште од најрана возраст.

Планинска еко акција – Врв Лако Сигној, Национален парк Галичица

Соочени со глетката на напуштени објекти и расфрлан отпад на една од највеличествените локации во Националниот парк Галичица, членовите на Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид решија да преземат акција. По неколкугодишно планирање и трагање по вистинската поддршка, конечно, во јуни и јули 2024 година, беше реализирана голема еко акција за расчистување на врвот Лако Сигној (1984 м.н.в.).
Со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust – PONT, во рамки на проектот „Авантуристичка зона во НП Галичица“, членовите на клубот, во соработка со National Park Galicica и Центар за управување со кризи, ги отстранија остатоците од застарени радиокомуникациски инфраструктури – рѓосан метал, бетон и железни конструкции кои со децении ја нагрдуваа природната убавина. Со тоа, врвот повторно го доби својот автентичен лик.
Оваа локација се наоѓа на крстопатот на неколку популарни планинарски патеки како High Scardus Trail и Lake View Trail, кои секоја година привлекуваат илјадници љубители на природата од целиот свет. Со успешната акција, го вративме достоинството на просторот и придонесовме за подобро искуство на сите посетители.
Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА – Охрид останува посветен на грижата за оваа локација, која е дел од пошироката „Авантуристичка зона во НП Галичица“, што ги опфаќа и локалитетот за алпинизам и спортско качување, Виа фератата „Доброја“, планинската куќа СПИРИДОН и нови содржини кои допрва доаѓаат.

Потпишан значаен договор за регионална соработка во областа на планинското спасување

Двајца наши претставници, минатиот викенд, беа дел од петчлената делегација на НСПС – Национален сојуз за планинско спасување која во Крањска Гора, Република Словенија, потпиша значаен договор за регионална соработка во областа на планинското спасување.

Договорот опфаќа унапредување на меѓусебната соработка преку размена на искуства и добри практики, взаемна поддршка во кризни и вонредни ситуации, како и заедничка реализација на проекти насочени кон зајакнување на капацитетите и стандардите за планинско спасување во регионот.

Упатуваме искрена благодарност до домаќините во Крањска Гора за срдечното гостопримство и одличната организација на настанот, кој претставува значаен чекор кон продлабочување на регионалната соработка и заедничко справување со предизвиците во планинските подрачја.

Превојот Баба повторно блокиран поради снег – успешна интервенција на Планинската спасителна служба на Галичица

Новиот снег кој наврна во текот на изминатите два дена, во комбинација со силниот североисточен ветер, повторно доведе до создавање снежни наноси и целосно го блокираше превојот Баба на планината Галичица. Поради ваквите неповолни временски услови, патниот правец моментално не е прооден за моторни возила.

Планинската спасителна служба упатува апел до граѓаните и посетителите да не се обидуваат да го минуваат овој превој со возила, со цел да се избегнат опасни ситуации и загрозување на личната безбедност. Се очекува, по стабилизирање на метеоролошките услови, патниот правец повторно да биде ставен во функција.

Во контекст на актуелните услови, на 18.03.2025 година во 16:30 часот, во Регионалниот центар за гранични работи Запад при Министерство за внатрешни работи беше пријавено дека две лица – странски државјани – се заглавени во снежен нанос со возило на подрачјето на Национален парк Галичица и побарале итна помош.

По пријавата, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Св. Наум, претставник од Националниот парк Галичица и екипа на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид веднаш излегоа на терен. На околу 200 метри под црквата „Св. Ѓорѓија“ беа пронајдени лицата J.C. (35) и O.B. (32), државјани на Република Чешка, кои со кампер возило „Мерцедес“ со чешки национални регистарски ознаки останале заглавени во снежен нанос.

Со навремена и координирана интервенција, лицата и возилото беа безбедно извлечени, без последици по нивното здравје. Планинската спасителна служба повторно апелира до јавноста да ги почитува официјалните предупредувања и препораки при движење во планински подрачја во зимски услови.