Работна посета на Словенија

На покана од нашите пријатели од Словенечката Планинска Спасителна Служба, делегација од четири лица од Националниот Сојуз за Планинско Спасување од 28 февруари до 2 март присуствуваше на последниот координативен семинар пред спроведувањето на завршниот зимски испит за планински спасители во Словенија. Семинарот се одржа во Националниот парк Триглав.
Целта на посетата беше анализа на едукативниот процес во Словенија и размена на искуства за ефикасната имплементација на препораките од ICAR (International Commission for Alpine Rescue) во работата на службите за спасување на планина.
Ова беше прва ваква работна посета, која се покажа како исклучително значајна за двете организации. Веќе се водат разговори за интензивирање на соработката и за организирање на идната посета на словенечкиот инструкторски тим во Македонија, со наменски прилагодена програма за усогласување на едукативниот процес на НСПС со европските практики и препораките на ICAR.
Во оваа прилика, сакаме уште еднаш да им се заблагодариме на нашите пријатели од Gorska Reševalna Zveza Slovenije, особено на комисијата за обуки, за поканата и за топлото гостопримство.

Предновогодишна забава за најмалите во ПСС

Дедо Мраз и оваа година им донесе радост на најмладите, кои со големо задоволство го пречекаа во тренинг центарот на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид.

Радоста беше неизмерна, а центарот за момент се претвори во голема „игротека“, исполнета со безброј детски фантазии и смеа.

Се радуваме заедно со нив и се надевавме дека во нив се крие идната волонтерска сила, која ќе им помага на луѓето во неволја.

ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА НСПС, Струмица 18.12.2024

Вчера во Струмица се одржа редовното изборно собрание на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, на кое беа избрани новите органи и тела за следниот четиригодишен мандат. На собранието присуствуваа делегати од 11 од вкупно 12 организации членови на Сојузот.

За претседател повторно беше избран Антонио Додевски, а за Генерален секретар беше избран Др. Александар Манолев. Управниот одбор, покрај претседателот и генералниот секретар, ќе го сочинуваат и членовите Костантин Циривири, Мартин Пејоски и Александар Дончев, кои имаат долгогодишно искуство во изведување на спасувачки операции, како и во едукација на алпинисти и спасувачи. Во составот на Управниот одбор ќе членуваат и два советодавни членови: пилотот Виктор Бојковски, одговорен за развој на хеликоптерското спасување, и Владимир Поповски, кој ќе се фокусира на дигитални и аналогни системи за радио и телекомуникации.

Присутните на собранието го избраа и составот на Надзорниот одбор, чиј претседател е Бобан Стојанов, а за членови се избрани Јован Божиновски и Виктор Бојковски.

Новото раководство најави амбициозни планови за следниот мандат, со акцент на едукацијата и стручната надградба на волонтерите, подобрување на опремата на спасувачките станици преку реализација на бројни проекти и изградба на ефикасен систем за планинско спасување во целата држава, согласно меѓународната пракса и препораките на Меѓународната комисија за алпско спасување (ICAR – International Commission for Alpine Rescue).

Дополнително еден од главните приоритети во следниот период ќе биде продлабочување на меѓународната соработка преку потпишување на билатерални и мултилатерални договори за соработка со службите од регионот, реализација на заеднички проекти, тренинзи и вежби за подигање на квалитетот на спасувачките операции, како и зголемена активост во стручните комисии на ICAR.

Уште една несреќа со трагичен крај

Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид во 18:38 часот, на ден 21.10.2024, беше алармиран од секторот за потраги по исчезнати лица при Министерството за внатрешни работи за исчезнување на 60-годишно лице од Струга, со потекло од село Брчево. Според првичните информации, лицето претходниот ден се упатило да собира шумски плодови, но не се вратило во својата викенд-куќа.

Веднаш по приемот на пријавата беше организирана координирана теренска потрага. Во активностите учествуваа три спасители од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид и водич со куче за пребарување од здружението „Куче Спасител“ – Охрид, во тесна координација со полициски службеници од Струга.

Потрагата се одвиваше во исклучително сложени услови – стрмен, непристапен и густо обраснат терен. По тридневни интензивни активности, во текот на вчерашниот ден, ловци и жители од околните села го лоцираа безживотното тело на исчезнатото лице во атарот на село Глобочица.

По извршениот увид од страна на јавен обвинител и екипа на Министерството за внатрешни работи, беше спроведена технички сложена операција за извлекување на телото од стрмниот терен, реализирана од спасителите на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид. По евакуацијата, телото беше предадено на надлежните институции за понатамошна постапка.

Планинската спасителна служба изразува длабоко сочувство до семејството и блиските на починатото лице.

ICAR Конгрес 2024

Петчлена делегација на НСПС, од 15-20.10.2024 учествуваше на годишниот конгрес на Меѓународната Комисија за Алпско Спасување – ICAR (International Commission for Alpine Rescue), која годинава се одржа во Солун, Р. Грција и на која учествуваа повеќе од 700 делегати од службите за спасување во светот. На конгресот, претставниците на НСПС, зедоа активно учество во работните групи за терестријално, хеликоптерско и лавинско спасување.

Покрај учеството во работните групи, на маргините на конгресот, нашата делегација оствари плодни средби со колегите од светот на планинското спасување, на кои беа договорени неколку билатерални соработки во иднина. Целта на ваквата соработка, ќе биде размена на искуства и зголемување на нивото на знаења, особено за тематските содржини кои се значајни за зголемување на капацитетот и ефикасноста на спасувачките операции во нашата држава и целосно усогласување на протоколите за спасување со препораките на ICAR.

Како и секоја година, за време на конгресот се одржа и саем на опрема за спасување, каде исто така беа остварени плодни контакти со реномирани производители на опрема, кои изразија подготвеност за потребите на НСПС, како национална организација за спасување, да понудат посебни попусти на своите производи, што во иднина може значително да придонесе во подигнувањето на материјалниот и технички капацитет на планинската спасителна служба во државата.

Конгресот заврши со одржување на генералното собрание на ICAR, каде НСПС за прв пат учествуваше како член од највисоката А категорија (национални организации за спасување), со право на 4 гласа во собранието.

ПСС при Црвен крст Охрид и АК Патагонија во поддршка на гаснењето на пожарите на Галичица

Во изминатите две недели, тимовите на ПСС при Црвен крст Охрид и Алпинистички клуб Патагонија Охрид беа активно вклучени во справувањето со пожарите во охридскиот регион, со особен ангажман на подрачјето на Национален Парк Галичица, каде огнот зафати делови од зоната со строга заштита. Поради постојаното присуство на терен, немавме можност навремено да информираме, но по стабилизирањето на состојбата чувствуваме обврска јавно да се заблагодариме за поддршката, грижата и солидарноста што ја добивме од граѓаните.

Операцијата се одвиваше во сложени и ризични услови, а активностите беа координирани од управата на паркот, со силна поддршка од Центарот за управување со кризи, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за одбрана, чија воздушна и копнена поддршка беше од клучно значење во најтешките фази.

Искрена благодарност упатуваме до сите професионални и доброволни пожарникари, ренџерите од Езерани, Пелистер и Вевчански извори, како и до бројните доброволци и донатори кои обезбедија храна, вода и опрема за тимовите на терен.

Иако нашата примарна мисија не е гаснење пожари, се вклучивме водејќи се од одговорноста кон планината која ја доживуваме како втор дом. Нашето искуство во движење низ тежок планински терен, физичката подготвеност и соодветната опрема овозможија да делуваме таму каде што пристапот беше најтежок. На северниот фронт, во високата зона, рачно беа изработени заштитни појаси во должина од 7,5 километри, со што пожарот беше задржан над највредните шумски подрачја сè до доаѓањето на дождот. Во текот на целата операција, Планинската куќа Спиридон претставуваше главна логистичка и организациска база за нашите тимови.

А сега, со особена благодарност, неколку зборови за луѓето без кои ова немаше да биде можно – нашите волонтери: заморот ќе помине, опремата ќе се обнови, но чувството на заедништво, заемната грижа и свеста дека го вложивме максимумот за заштита на Галичица ќе останат трајна вредност. Да останеме здрави, обединети и секогаш подготвени да помогнеме кога е најпотребно.

 

Покрај секојдневната борба со огнените стихии, денес и спасувачка операција на ПСС Охрид

Членовите на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА Охрид со целокупниот расположлив капацитет, веќе 7 дена се вклучени во гасењето на пожарите во охридско, а особено на пожарот во Национален парк Галичица. Вклученоста е главно во логистичка поддршка, обезбедување и достава на храна за тимовите кои гасат, транспорт на луѓе со теренски возила, а на Галичица и со директна вклученост во гасењето на пожарот, поради непристапноста на теренот.
Покрај ангажманот во гасењето на пожарот на Галичица, денес во 13:50ч. преку единствениот повикувачки број 112 и итната медицинска помош од Охрид, добивме повик за спасување на повредена жена, турист од Чешка, која се здобила со скршеница на десна потколеница, планинарејќи на Галичица.
Бидејќи целокупниот потенцијал на ПСС во моментот беше ангажиран, побаравме хеликоптерска асистенција, при што дел од тимовите кои се вклучени во гасењето на пожарот, беа пренасочени во спасувачка операција.
Благодарение на оперативноста на ЦУК и умешноста на пилотите од хеликоптерската единица на МВР, веднаш беше обезбеден хеликоптер, со кој тим од ПСС беше транспортиран до местото на несреќата. Бидејќи тимот беше повлечен директно од терен, беше принуден да изврши имобилизација и транпорт со импровизирани средства. Во 15:30ч. повредената беше пренесена во специјалната болница за ортопедија и трауматологија, а тимот од ПСС се врати да им помогне на пожарникарите и ренџерите од НП Галичица во борбата со огнената стихија.
Се надеваме дека сите овие случувања ќе предизвикаат поголем интерес во иднина за јакнење на сите капацитети за справување со кризи и несреќи, особено во вреднувањето и поддршката на волонтерските тимови од различни специјалности.

ЦРВЕН АЛАРМ за системско решавање на планинското спасување во Македонија

Во изминатите 15 дена, во Македонија се случија 4 сериозни несреќи на планина, од кои 3 на територија на Национален Парк Галичица и една на територија од НП Маврово, каде на високо ниво се истакна потребата од конечно воспоставување на Национална Планинска Спасителна Служба, воспоставена согласно со европската пракса и меѓународните стандарди препорачани од ICAR – International Commission for Alpine Rescue.
Иако алармот неколку пати претходно исто така гласно одекнуваше, како на пример во случајот со фармерот во Кратовско или пак во случајот на Шар Планина каде во обид за спасување на настрадан турист, за малку ќе настрадаше и командирот на специјалните полициски единици, сепак овој пат, бројот на несреќи во толку краток период, како и исходот од истите, сметаме дека претставуваат сериозно предупредување за она што не очекува во блиската иднина.
Националниот Сојуз за Планинско Спасување, со своите 12 организации од сите региони во државата и со својот кредибилитет кој произлегува пред се од децениското искуство и експертизата со која располагаме, потврдена токму преку нашето членување во ICAR, упатува апел до надлежните министерства за Внатрешни работи и Одбрана, како и до Центарот за Управување со Кризи, што поскоро да седнеме на координативен состанок и да дефинираме заеднички пат за решавање на ова горливо прашање, во согласност со праксата во Европските држави.
Веруваме дека новата Влада, има многу поголем интерес за решавање на ова прашање, а ние сме тука да помогнеме, како што го прават тоа нашите колеги волонтери низ цела Европа.
Решението е многу едноставно, започнува со разговор и ефикасно координирање на постојните ресурси, а продолжува со надградба и развој на целокупниот систем, се до воспоставување на ефикасна Планинска Спасителна Служба во сите региони од државата.
Самото постоење на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст во Охрид како составен дел од НСПС и нејзината ефикасност во охридскиот регион, е доказ и гаранција дека решението е едноставно, доколку се има разбирање, меѓусебна доверба и желба за понатамошен развој.
На крај ќе повториме една многу мудра мисла која гласи: „Волонтерите не се платени, не поради тоа што се безвредни, туку поради тоа што се бесценети“

Заменик шефот на Делегацијата на Европската Унија во посета на НСПС

Минатата недела, претседателот на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, оствари средба со Заменик Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Г-дин Бен Нупнау. На средбата беше разговарано за општата состојба на планинското спасување во државата, за предизвиците со кои се соочуваме и потребата од итно регулирање на легислативата во државата во согласност со меѓународната и европската пракса, како и со препораките на ICAR (International Commission for Alpine Rescue). Особено беше акцентирано значењето на волонтерските служби за локалните заедници од една страна и немањето на никаква поддршка од надлежните институции од друга страна.
Како единствен позитивен пример беше истакнат примерот на Планинската Спасителна Служба во Охрид која делува регионално и веќе две години по ред добива минимални средства единствено од Буџетот на Општина Охрид, благодарение на што успева да го одржи неопходниот континуитет за ефикасен одговор во случај на несреќи, чиј број е во постојан раст.
Исто така, беше истакната и потребата ваквиот пример да започне да се применува и во останатите општини, каде Сојузот има свои организации, како единствен предуслов за зголемување на ефикасноста и капацитетот на Службата за спасување.
Господинот Нупнау изрази голема благодарност до сите волонтери од Националниот Сојуз за Планинско Спасување, за нивната пожртвуваност и ентузијазам да им помагаат на луѓето во случај на несреќи, не’ охрабри да продолжиме по зацртанот пат за целосна имплементација на меѓународните стандарди и изрази подготвеност за понатамошна дипломатска помош во насока на што поскоро системско решавање на планинското спасување во државата.
Средбата беше реализирана во оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст во Охрид, каде имавме прилика на Господинот Нупнау да му ги презентираме и резултатите од претходно спроведените проекти финансирани од ЕУ програмата за прекугранична соработка со Република Албанија.
Претседателот на НСПС, Антонио Додевски изрази благодарност за досегашната поддршка, како и за подготвеноста на Европската Делегацијата и понатаму да не’ поддржува на патот до целосно имплементирање на европските стандарди за планинско спасување во државата.

НАЈВИСОКА „А“ КАТЕГОРИЈА НА ЧЛЕНСТВО ВО ICAR

Со особена чест и задоволство, ја информираме целокупната македонска јавност дека Меѓународната Комисија за Алпско Спасување ICAR (International Commission for Alpine Rescue), на Генералното собрание, одржано на 21 октомври оваа година во Тоблах, Јужен Тирол, едногласно ја донесе одлуката за трансформација на членството на НСПС, од досегашната „Б2“, во највисоката „А“ категорија.
На тој начин, формално се заокружува еден долг, историски и макотрпен период, низ кој минаа македонските Алпинисти во изминатите 30-ина години, обидувајќи се во државата да воведат уште еден висок, меѓународен стандард, кој овој пат се однесува на една од најблагородните дејности, а тоа е спасувањето човечки животи.
Горди сме на сите постигнати резултати, но и свесни дека ова не претстваува своевиден „Врв“ на нашата работа, туку напротив, истото го доживуваме како почеток на патот за целосна имплементација на европските вредности во една единствена и ефикасна национална ПЛАНИНСКА СПАСИТЕЛНА СЛУЖБА, која ќе влева чувство на сигурност и ќе претставува гордост за нашите граѓани.
Краток историјат
На овој историски пат, Македонската Алпинистичка Заедница минуваше низ многу неизвесности, препреки, логични и нелогични потешкотии, но определбата за строго придржување до највисоките светски стандарди и единствената функционална меѓународна пракса, денес резултира со оваа потврда за нивно целосно исполнување.
Првите пионерски чекори за исполнување на стандардите и препораките на ICAR, ги направи „Здружението за заштита и спасување на планина и непристапни терени АСКЛЕПИЈ“ од Скопје, кое во 2015 г. ги реализира неопходните проценки од страна на стручните тимови на ICAR и во 2016г. на Генералното собрание кое се одржа во Банско, Република Бугарија, стана првиот наш претставник во семејството на ICAR.
На 19.10.2020 година, во Охрид, на иницијатива од Здружението АСКЛЕПИЈ и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, како најактивни организации во развојот на Планинското спаување во државата и во присуство на уште четири алпинистички и еден планинарски клуб, чии членови често се дел од спасувачките операции во различни краеви од државата, беше формиран Националниот Сојуз за Планинско Спасување. Целта на Сојузот е воведување на унифицирани национални стандарди за обука и делување на спасувачките тимови, кои се базираат на препораките од ICAR, како и воспоставување на ефикасна Планинска Спасителна Служба на територијата од целата држава.
Во април 2022 г. колегите од АСКЛЕПИЈ, предложија пренесување на членството во ICAR, од АСКЛЕПИЈ на НСПС како единствена национална организација, што беше и главна тема на разговор со претседателот на комисијата за терестријално спасување при ICAR, Г-дин Гебхард Барбиш, кој во таа прилика не посети во Охрид и овој предлог го пренесе до бордот на ICAR.
За време на годишната конференција во октомври 2022, која се одржа во Монтро, Швајцарија, делегацијата од НСПС го презентираше својот организациски концепт пред бордот и проценителите на ICAR, кои се согласија со предлогот за пренесување на членството од АСКЛЕПИЈ на НСПС и предложија Сојузот како национална организација, да ги подготви неопходните документи и да достави апликација за промена на категоријата на членството, од дотогашната „Б2“ во највисоката „А“ категорија на членство. Апликацијата беше подготвена и испратена на крајот од мај 2023 година, а на Генералното собрание во Тоблах, истата беше едногласно прифатена од страна на делегатите.
На тој начин, заокруживме еден многу значаен процес, за меѓународна верификација и афирмација на се она што беше сработено во изминатите триесетина години.