Достава на храна и лекови во атарот на село Свињишта

Во текот на вчерашниот ден, добивме повик од семејство кое одгледува овци и живее 3 км оддалечено од селото Свињишта, Охридско. Последните врнежи од снег им ги отежнале и онака тешките услови за живот, далеку од цивилизацијата, без струја и вода. Семејството, кое преживува исклучиво од нивните седумдесеттина овци, вели дека имало и поголеми снегови и дека немале никакви проблеми, но оваа година, поради доцнењето на субвенциите за сточарите и снегот кој ги затекна на почетокот од пролетта, се наоѓаат во многу лоша состојба, пред сѐ со основни прехрамбени продукти, како брашно, масло и сл., а секако и резервите на храна за добитокот им се при крај. Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, во соработка со службата за социјално хуманитарна дејност, денес го посети семејството и им достави помош во храна, средства за хигиена, ќебиња, гумени чизми, како и потребни лекови.

Планинската Спасителна Служба, во оваа прилика ги искористи новонабавените АТВ возила, опремени со гасеници за лесно движење во снежни услови, кои се набавени во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија. Ја користиме оваа прилика повторно да се заблагодариме на Европската Унија, како и на ЕУ Делегацијата во Скопје за нивната поддршка.

Ефикасноста и мобилноста на ПСС е од огромно значење за ублажување на страдањата на луѓето, како и за поттикнување на населението да се сврти кон природата, со рекреација, спорт или некоја стопанска дејност, сточарство или авантуристички туризам. Знаењето дека секогаш има решение за проблемите кога ситуацијата ќе излезе од контрола и чувството на сигурност кое го пружа нашата спасителна служба, е клучен фактор за остварување на овие активности.

Ги повикуваме и локалните власти, што поскоро да се вклучат со конкретна поддршка на ПСС, бидејќи граѓаните го заслужуваат тоа. Современ и ефикасен систем за спасување на планина и тешко пристапен терен не е луксуз, туку елементарна потреба и демонстрација на одговорност кон сопствениот народ, особено на оние, кои во руралните зони сами се борат со сите предизвици, далеку од модерните цивилизациски придобивки во градовите.