NATO – EADRCC DISASTER RESPONSE EXERCISE Ohrid 2021

Во Септември 2021 година, во Охрид ќе се одржи меѓународна вежба за одговор при катастрофи во организација на NATO – EADRCC (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre), на која ќе учествуваат специјализирани спасувачки тимови од повеќе НАТО земји.

Како составен дел од националниот систем за одговор при катастрофи, во подготовката на вежбата е вклучен и Црвен крст на Република Северна Македонија со неколку свои сектори, меѓу кои и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид. На наша иницијатива, за прв пат на овој вид вежби, ќе бидат опфатени и сценарија со комплексни планински несреќи, кои нашите тимови ќе ги изведуваат во соработка со армиските тимови, како и со останатите спасителни служби од НАТО земјите, кои ќе изразат интерес за учество на вежбата.

Во моментов, во тек е подготвителниот дел, а од понеделник 14-ти јуни, до четврток 17-ти ќе се одржи и финалната планирачка конференција за вежбата, на која активно учество има и раководителот на ПСС Антонио Додевски. Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, на планирачкиот комитет го понуди целокупниот свој кадров и материјално-технички капацитет за квалитетно и безбедно одвивање на вежбата.

Претходно, во текот на минатата година, капацитетите на ПСС беа евалуирани од страна на планирачкиот комитет, истите беа високо оценети и ќе бидат вклучени како значаен дел во подготовката и реализацијата на самата вежба. За време на вежбата во Септември, како составен дел од нашите тимови, ќе бидат вклучени и волонтери од останатите организации, членови на Националниот Сојуз за Планинско Спасување, со што активно ќе ја продолжиме мисијата за унифицирање на нивото и усогласување на стандардите за изведување на спасителните операции, кај сите членови на сојузот, а со тоа и во државата.

Вклученоста во самиот планирачки процес, како и активното учество во вежбата, за ПСС претставува сериозна можност за надградба на сопствените капацитети, подобрување на комуникацијата и координацијата со останатите домашни и меѓународни институции, како и наш придонес за афирмација и промоција на Охрид пред меѓународната стручна јавност од областа на спасувањето и заштитата на луѓето и добрата.