Промоција на новиот проект кој ПСС ќе го спроведува со партнерите од регионот

На граничниот премин „Свети Наум“ беше одржана промоција на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, програма за прекугранична соработка со Република Албанија. Партнери на овој проект, покрај ПСС при Црвен крст Охрид се и алпинистичкиот клуб Патагонија Охрид, општина Дебрца и општина Грамш од Република Албанија. Целта на овој проект е да се подобри социо-економскиот развој на поширокиот охридско-преспански регион преку одржлив развој и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот. За Планинската Спасителна Служба, со овој проект ќе биде обезбедена комплетна опрема за безбедно делување на спасителите во зимски услови, како и специјални теренски возила, опремени со гасеници и приколки за транспорт на повредени лица во снежни услови. Со помош на оваа опрема, значително ќе се подобрат капацитетите на службата, како и нејзината ефикасност, во зимскиот период.

На оваа церемонија Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Националниот координативен центар за гранично управување потпишаа Меморандум за соработка, чија цел е преку координирани активности спасувачките тимови на службата да можат брзо да ја поминат границата и во најкус можен рок да интервенираат за спасување на Албанска територија. Овој меморандум претставува прв чекор во процесот за креирање на посебен протокол, со кој во иднина Планинската Спасителна Служба, со целокупната опрема, возила и спасувачи, без застој ќе ја минува границата на официјалните гранични премини или на т.н. зелени премини на копно, но и со воздухоплов доколку е тоа непходно за ефикасноста на акцијата. Тоа ќе значи системско подобрување на безбедносните услови во туризмот, но и поголема безбедност на населението од прекуграничниот регион.

Г-динот Сашо Точков, претседател на Црвен крст Охрид истакна дека со воспоставувањето на систем за ефикасно делување на Планинската Спасителна Служба и со почетокот на новиот проект се заокружува долгогодишната заложба за безбедносен систем и услови за сите туристи, љубители на планината, како и за сите жители од овој регион.

Г-дин Никола Бертолини од Секторот за соработка и развој при Делегацијата на ЕУ од своја страна посочи дека Европската  Унија секогаш ги препознавала и ќе ги поддржува и во иднина сите проекти што промовираат прекугранична соработка, како еден од најважните приоритети согласно програмите за поддршка на ЕУ.

 

Свое обраќање имаа и министерот за локална самоуправа, г-дин Горан Милевски, Директорот на Царинска Управа, г-дин Ѓоко Танасоски, како и градоначалниците на општините Дебрца и Грамш, г-дин Зоран Ногачески и г-дин Клодијан Таче, кои го истакнаа своето задоволство од успехот на ваквите проекти, што влијаат не само на економскиот развој на регионот, туку и придонесуваат за промоција на туристичките потенцијали на општините.

 

По одржаната промоција, беше организиран иницијален работен состанок во хотелот Свети Наум, со претставници на релевантните институции од двете земји.