НОВА ИНТЕРВЕНЦИЈА на ПСС И АПЕЛ ДО ЈАВНОСТА

Вечерва во 17:35ч., оперативниот центaр на ПСС доби повик за интервенција врз заглавено возило управувано од унгарски државјани, на превојот од регионалниот пат Охрид – Отешево. Ова не е прва ваква интервенција од почетокот на годината. Имено ПСС, во неколку наврати претходно, извлекуваше заглавени возила на истиот патен правец, каде случајно се затекнуваше извршувајќи ги своите редовни активности. Причините поради кои возилата заглавуваат на овој патен правец, пред сѐ произлегуваат од несовесноста на возачите, кои не ја почитуваат забраната за движење на патниот правец во зимски услови, како и несоодветната опрема на возилата за управување со истите во зимски услови.

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, користи значителен дел од своите ресурси и волонтерски труд за вакви интервенции, кои се предизвикани од несовесноста на поединци, поради што апелираме до јавноста за разбирање и почитување на она што го работиме, со што ќе ни помогнете да бидеме подготвени за делување во сериозни планински несреќи, кога нашите ресурси се од пресудно значење за спасување на човечки животи.

Апелираме до граѓаните, строго да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за користење на овој патен правец, кој во зимски услови не се одржува, поради што е делумно затворен за сообраќај, а во делот од крстосницата на патниот  правец Охрид – Св. Наум до излетничкото место Корита, каде единствено е дозволен сообраќајот, граѓаните да се прилагодат на условите на патот и доколку не поседуваат соодветна опрема за управување со возилата во услови на снег и мраз, воопшто да не го користат истиот, бидејќи најчесто и оваа делница не е соодветно третирана, поради што е целосно прекриена со мраз и не е безбедна за сообраќај.

Aпелираме до надлежните редовно да ја одржуваат делницата до излетничкото место Корита или целосно да го забранат сообраќајот на овој патен правец, кој очигледно претставува сериозна закана за безбедноста на возачите и нивните сопатници.

Ви посакуваме безбедно другарување со природата.