Потпишан Меморандум за соработка меѓу ПСС и ИПА Охрид (Интернационална Полициска Асоцијација)

Во текот на вчерашниот ден, во просториите на Оперативниот и тренинг центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид беше потпишан Меморандум за соработка меѓу ПСС и ИПА Охрид (Интернационална Полициска Асоцијација).

Целта на потпишувањето на Меморандумот е продлабочување на соработката, како и организација во иднина на едукативни работилници за припадниците на полицијата за безбедно изведување на работните обврски на планински терен.

Одржан ЕХО Фестивал на планински филм во Оперативниот центар на ПСС

На наше големо задоволство, а веруваме и на присутната публика, изминатата недела во просториите на Оперативниот и тренинг центар на ПСС, а во соработка со Алпинистичкиот клуб ПАТАГОНИЈА Охрид и Културолошка иницијатива 5 до 12, се одржа ЕХО Фестивал на планински филм, со селекција од својата фестивалска програма на последното 12то издание.

Прикажани беа победничките филмови на ЕХО фестивалот, а програмата беше збогатена со 4 презентации.

10 ноември (среда)

18:00 „Ерик Ескофие, страст за живот“, Гаучи Северин/Бертранд Делапјер, Франција, 2020, 52’

18:52 „Матерхорн – Лавовскиот гребен“, Алесандро Белтраме/Ерве Бармас, Италија, 2021, 35’

19:45 Презентација на Културолошка иницијатива 5 до 12: “Со културна револуција до еволуција“

20:15 Презентација на Дејан Ангелоски: „Од Шара до Пиринеи“

21:00 „Со Господ напред, Полјаци“, Адам Нерот, САД, 2020, 88’

11 ноември (четврток)

18:00 „Песни на Духовите од водата“, Николо Бонџорно, Италија, 2020, 100’

20:00 Презентација на ПСС Охрид: „Нашите активности“

20:30 Презентација на Игор Талевски: „Ултра долги уживања на велосипед“

21:00 „П3“, Ден Вилан/Ронгкин Су, Канада, 2021, 14’

„Исповедувањата на еден тркач“, Бачар Катар, Либан, 2020, 29’

„Миртл Симпсон – живот на мраз“, Ли Ен Сајдс, САД, 2019, 34’

Антонио Додевски, раководител на ПСС при Црвен крст Охрид, одржа кратка презентација за нејзините почетоци и активности во изминатиот период, а како благодарност за поддршката на фестивалот организаторите на ЕХО му врачија примероци од досегашните книжевни изданија на ЕХО.

Видео презентација од вежбата за пребарување и спасување на повредени во авионска несреќа

За време на НАТО-ЕАДРЦЦ вежбата за одговор при катастрофи, која се одржа во септември во Охрид, реализиравме успешна соработка со Министерството за Внатрешни Работи, односно со Специјалната Антитерористичка Единица „Тигар“ и воздухопловните единици, со кои изведовме координирана акција за пребарување и спасување на повредени во авионска несреќа, сценарио кое е многу реално за регионот во кој делуваме.

Одржан прекуграничен настан во Корча, Албанија

Во текот на вчерашниот ден во Корча, Албанија, се одржа прекуграничен настан под слоганот „Минато, традиција, иднина – Начин на кој комуницираме“, а по повод Европскиот ден за територијална соработка.

Покрај одржаниот саем на кој се претставија повеќе занаетчии од двете земји, беа презентирани и постигнатите резултати од проектите од вториот повик од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Секако, и Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид имаше можност да ја презентира набавената опрема за спасување на планина во зимски услови во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија преку ИПА програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји.

Во продолжение Ви пренесуваме дел од атмосферата…

 

Видео презентација од учеството на ПСС во НАТО-ЕАДРЦЦ вежбата

Кратка видео презентација за нашето учество во НАТО-ЕАДРЦЦ – меѓународната вежба за одговор при катастрофи, која се одржа во Охрид, од 19 до 24 септември 2021 година.

На оваа вежба покажавме дека волонтерскиот ентузијазам, владеењето на алпинистичките вештини и стремежот за исполнување на највисоките светски стандарди, поткрепени со доверба од институциите и заедницата, секогаш резултираат со квалитет.

Покажавме и дека цивилно-воената соработка е клучен предуслов за зголемување на ефикасноста на системот за цивилна заштита.

За реализацијата на сето ова, клучна беше финансиската поддршка од ЕУ ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, која ни овозможи за краток период да се издигнеме до одамна посакуваното квалитативно ниво.

ПСС дел од деветнаесеттата голема меѓународна „НАТО-ЕАДРЦЦ“ вежба

Во периодот од 19-24 септември 2021, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид зеде активно учество во вежбата за одговор при катастрофи, организирана од НАТО – Евроатланскиот координативен центар за одговор при катастрофи. На вежбата учествуваа голем број тимови од соседните држави и членките на НАТО, кои вообичаено за овој вид на вежби, според сценарија за природни катастрофи од голем обем (поплави, земјотреси и сл.) изведуваа активности за спасување во урбани средини, од урнатини и од вода.

Особено сме горди, што како дел од главниот планирачки тим за вежбата, на наша иницијатива, за прв пат беа вклучени две сценарија за планински несреќи, во кои активно учество зедоа тимовите на ПСС во соработка со специјалните и воздухопловните единици на Армијата и Полицијата.

Во првото сценарио, тимовите на ПСС, специјалната антитерористичка единица „Тигар“ и хеликоптер на МВР, интервенираа за спасување на двајца повредени во авионска несреќа на мал спортски авион, а во второто сценарио, тимовите на ПСС во соработка со припадници од батаљонот за специјални сили „Волци“ и армискиот воздухопловен ВИНГ, изведоа акција за спасување на тандем параглајдер, кој останал да виси закачен на карпа висока дваесетина метри.

Во двете сценарија, тимовите демонстрираа одлична меѓусебна комуникација и координација при изведување на комплексни операции за спасување, што се надеваме дека во иднина ќе продолжи како редовна пракса во реални ситуации за спасување.

Во продолжение, неколку фотографии од активностите, а наскоро ќе биде објавен и видео материјалот кој е во изработка.

Извештај за спроведените активности на ПСС поврзани со пожарот на Галичица

Во понеделник, 30-ти Август, од страна на оперативниот центар за одговор при катастрофи на Црвен крст на Република Северна Македонија, бевме информирани дека на албанска страна, недалеку од границата, се појавил пожар, кој има опасност да се префрли на македонска територија, во строго заштитената зона на Националниот Парк. Бидејќи станува збор за планински предел, над 2000 м надморска височина, на кој не постојат пристапни патишта во високата зона, но и поради информациите дека се слушнати неколку детонации од заостанати гранати активирани од пожарот, од страна на Центарот за управување со кризи, преку оперативниот центар на ЦКРСМ, од нас беше побарано да се направи извидување на ситуацијата на терен, од безбедна далечина со употреба на дрон.

Бидејќи пожарот сѐ уште беше длабоко на албанска територија, барањето беше извидувањето да се изврши следниот ден, вторник 31-ви август, во раните утрински часови. Утрото на 31-ви, во координација со оперативниот центар на ЦКРСМ, бевме информирани дека поради безбедносни причини (поради детонациите од претходниот ден), одлучено е наместо од терен, извидувањето да се направи со хеликоптер на МВР. По извидувањето, беше  констатирано дека пожарот е многу блиску до границата и тоа на двете страни од Галичица (преспанската на исток и охридската на запад) и дека истиот брзо напредува.

Бидејќи беше очигледно дека во наредните денови, пожарот ќе треба да се гаси со поголем број на луѓе, оперативниот центар на ЦКРСМ побара од нас да организираме целосна логистика за укажување на помош, брза евакуација на евентуално повредени лица, како и дистрибуција на храна и вода за екипите на терен, која ЦКРСМ ја има обезбедено преку механизмот за хуманитарна помош од Федерацијата на Црвен крст и Црвена полумесечина. Дополнително во координација со одговорните лица од НП Галичица, беше побарано од нас, сепак да се направи извидување на терен, по должина на границата, бидејќи поради силниот ветер и густиот чад, состојбата изгледаше алармантно.

Во среда, 1-ви септември, во утринските часови, два тима на ПСС, вкупно 6 лица, се упатија на планината. Првиот тим организираше логистичка база во спасителната станица „Спиридон“, а другиот направи целосна обиколка на границата во високата зона од Граничен камен Ф-12, па сѐ до ГК Ф-9. За среќа, беше констатирано дека пожарот на источната страна од планината е целосно изгаснат и воопшто не навлегол на македонска територија, а на западната страна, во зоната над 1900 мнв, навлегува на македонска страна во форма на тесен ракав, кој поради правецот и силината на ветерот, се движи хоризонтално кон север, во тој момент високо над шумскиот појас.

Информациите кои ПСС ги достави до надлежните, беа од особено значење за подготовка на конкретен план за делување и беше побарано тимовите на ПСС да останат на планината и постојано да ја следат состојбата и да споделуваат информации. НП Галичица, согласно нашите информации и нивното искуство, покрај хеликоптерот, кој постојано апелираa да се вклучи во гасењето на пожарот, одлучи за следниот ден да дејствува и од копно со десетина лица вработени во НП Галичица, кои ќе имаат задача да го запрат ширењето на пожарот во долната зона, кон шумскиот појас.

Рано утрото на 2-ри септември, тимовите на ПСС повторно излегоа на терен, каде затекнаа многу поволна ситуација предизвикана од обилната утринска роса, која го имаше забавено ширењето на пожарот и овозможуваше лесно делување на копнените тимови. Оваа информација ги охрабри надлежните од паркот, иако с уште не беше одобрено дествување со хеликоптер, сепак да излезат на терен и да се обидат да го локализираат пожарот, а нив им се приклучи уште еден тим на ПСС кој ја организираше логистиката.

За жал, со кревањето на утринските температури и неповолниот ветер, пожарот повторно се разгоре и напорите на вработените беа речиси безуспешни, иако успеаја во еден дел да го пренасочат пожарот и да не дозволат негово навлегување во шумскиот појас тој ден. Согледувајќи ја реалната димензија на пожарот, неговите карактеристики, како и непристапноста на теренот (неопходни 1-2 ч. пешачење по стрмен планински терен до линијата на огнот), на заеднички состанок, одговорните од НП Галичица констатираа дека гасењето единствено е возможно во координирана акција за гасење од воздух и копнени тимови кои ќе ги догаснуваат останатите жаришта. Ваквата констатација секако беше споделена со останатите надлежни институции и уште еднаш беше побарано вклучување на хеликоптер.

На 3-ти септември, состојбата остана непроменета, пожарот продолжи да се шири со истата динамика и полека да се издигнува кон гребенот на планината. Бидејќи самиот гребен и висорамнините кон врвот Магаро, претставуваат исклучително значајно живеалиште на голем број ендемични видови, кои дури и во 2007 година останаа не чепнати од тогашниот пожар, по барање на НП Галичица, тимовите на ПСС останаа и понатаму на терен да ја следат состојбата со пожарот во високата зона од планината. Планот беше, по секоја цена да се спречи пожарот да го зафати оваа исклучително значајно подрачје, но и да се внимава истиот да не навлезе во шумскиот појас во локалитетот Војтино.

На 4-ти септември, во претпладневните часови, пожарот се развиваше со истиот интензитет, сѐ до вечерта, кога поради промена на правецот на ветрот, истиот почна нагло да се спушта кон пониските зони и веќе утрото на 5-ти септември, почна полека да ја зафаќа периферијата на шумскиот појас и тоа во најстрмните карпести делови, на западната страна.

Поради ваквиот развој на ситуацијата, но и поради бројните реакции на јавноста, попладнето на 5-ти септември, на овие делови дејствуваше и армиски хеликоптер, кој заедно со слабиот дожд кој заврна, значително го намали интензитетот на пожарот и го локализира само на две значително помали локации. За следниот ден, НП Галичица во соработка со Општина Охрид, ТППЕ Охрид, ДЗС и останати доброволци, вкупно 40-тина луѓе, како и механизација за расчистување на шумските патишта, подготви план за координирано делување, во содејство со најавените 2 воени хеликоптери кои беше требаше да дејствуваат дента.

Благодарение на дождот кој заврна утрото, беа откажани двата хеликоптери како и ангажманот на доброволците, додека тимовите на НП Галичица, ТППЕ Охрид, ДЗС и ПСС, се упатија да ги доизгаснат останатите жаришта, на кои пожарот беше навлезен во шумата. На поголемиот дел од жариштето, каде пожарот беше подлабоко навлезен во шумата, делуваа дел од вработените во НП Галичица, ТППЕ Охрид и ДЗС, додека на едно помало жариште, кое беше прилично оддалечено и на стрмен карпест терен, делуваа дел од вработените во паркот и тимот на ПСС. За време на целиот теренски ангажман на тимовите од ПСС, како и за останатите тимови, беше обезбедена логистичка поддршка од оперативниот центар за одговор при катастрофи на ЦКРСМ. Во продолжение, дел од фото и видео документацијата изработена за време на теренските активности.

Со зголемување на температурите пожарот повторно се разгорува (фото и видео)

Тимовите на ПСС, сѐ уште го набљудуваат развојот од безбедна далечина, но за жал, со покачувањето на температурите и ветрот кој дува константно, пожарот повторно се разгорува.

Екипи од Националниот Парк Галичица пристапија од долната страна и се обидуваат да го изгаснат пожарот.

Дополнително, ќе се приклучи уште еден тим од ПСС, кој ќе обезбеди логистичка поддршка за останатите екипи на терен.

Утринската роса го локализира пожарот, но опасноста сѐ уште постои (фото и видео)

Тимовите на ПСС при Црвен крст Охрид, кои од рано утрово патролираат по должина на граничната линија, информираа дека најголем дел од огнената линија, особено во високите делови од планината, под дејство на ниските утрински температури и росата е веќе изгасната, но сѐ уште има појава на слабо тлеење во пониските делови, над месноста Војтино.

Тимовите се на терен и во директна комуникација со Националниот Парк Галичица, од каде се очекува да пристапат и нивни тимови, за целосна ликвидација на пожарот.

Тимовите на ПСС од терен ја следат состојбата со пожарот на Галичица

Од раните утрински часови, два тима на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, воспоставија логистичка база во спасителната станица на Галичица и направија целосна обиколка по должина на граничната линија од кота Ф12 на северо-исток, сѐ до кота Ф10 на југо-запад и кота Ф-9 на запад.

Од фотографиите јасно може да се види дека пожарот сериозно се доближува до македонската граница во високата зона на планината и единствено навлегува кај кота Ф-9 и се движи надолу кон месноста Војтино, каде веќе е на оддалечеост од 400 до 500 метри од шумскиот појас.

Двата тима ќе останат на терен во следните 48 часа и ќе споделуваат информации со останатите институции.