Пристигна дел од новата специјализирана опрема за спасување на планина во зимски услови

Конечно, по долго исчекување, се реализира уште еден дел од нашите стратешки определби, да бидеме во служба на граѓаните во сите годишни периоди и во најсложени метеоролошки услови.

Ова е само дел од специјализираната опрема, која е планирано да се набави во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија, ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија, а кој го реализира Црвен крст Охрид, Алпинистички клуб ПАТАГОНИЈА Охрид, Општина Дебрца и Општина Грамш од Р. Албанија.

Дел од новата опрема е наменета за делување на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид во зимскки услови, а дел од истата е наменета за воспоставување на локални тимови за спасување на нетехнички терен во Грамш и Дебрца, кои ќе бидат обучени од страна на инструкторскиот тим на ПСС, а во иднина ќе делуваат координирано во случај на несреќи.

Претседателот на Црвен крст Охрид Г-дин Сашо Точков, лично се запозна со спецификите на оваа опрема, која за прв пат се обезбедува во нашиот регион и изрази голема благодарност на Европската Унија за поддршката и честитки до Проектниот тим, кој ја изработи апликацијата и многу успешно го менаџира спроведувањето на овој втор по ред проект, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Додека го очекуваме и другиот дел од опремата, Ви посакуваме да останете во добро здравје и да се чувствувате безбедно уживајќи во зимските планински авантури на планините во охридскиот регион.