Бурна седмица за Планинската Спасителна Служба

Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, во периодот од 12-ти до 18-ти Август 2019 година, имаше обемен ангажман, кој уште еднаш ја истакнува неопходноста од нејзиното постоење. На 12 и 13 август, тричлена екипа од ПСС со теренско возило даваше активна поддршка во гасењето на шумскиот пожар во атарот на село Велмеј, каде покрај својата примарна улога за спасување во случај на несреќа, значително помогна во транспорт на храна и вода за екипите кои гасеа на терен, како и за обиколка и извидување на теренот со членови од штабот за управување со активностите за локализација на пожарот. Дополнително, викендот на 17 и 18 Август, два тима од ПСС, на две различни локации вршеа обезбедување на планински настани на кои учество зедоа повеќе од 650 учесници. Првиот настан, кој беше во организација на Братството и Сестринството од Бигорскиот и Рајчичкиот манастир, а по повод празникот Св. Преображение се одржа на Врвот Крчин 2341мнв. На овој настан имаше околу 600 учесници од целата држава, кои учествуваа на заедничка Богослужба на врвот Крчин. За време на настанот, беа регистрирани неколку помали интервенции и една посериозна, при која жена на педесетина годишна возраст, поради слабост и срцеви тегоби беше неопходно да се евакуира од планината и да се транспортира до најблиската здравствена установа во Ростуше, каде и беше укажана лекарска помош. На овој настан, значителна поддршка на тимот од Планинсската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, беа Водичите во планина и волонтерите од тимот за Прва помош при Црвен крст од Битола, чија поддршка имаше големо значење за ефикасно обезбедување на овој навистина масовен планински настан. Вториот настан се одржа на планината Галичица ноќта на 17-ти Август, со наслов “Full Moon Experience” во организациа на Free Pass Ohrid, на кој учествуваа околу педесетина учесници, кои на полна месечина го искачија врвот Лако Сигној 1984мнв. Настанот помина без регистрирани интервенции од старна на ПСС. Во продолжение фотографии од споменатите активности

Уште една интервенција, седма по ред

Денес во 13:11 часот, Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид доби повик од страна на група планински велосипедисти од Холандија, кои јавија дека при пад во близина на Трпејчко поле, југо-источно од Пештани, нивниот пријател се здобил со повреда во пределот на десниот колк. Тричлена екипа од ПСС со теренско возило веднаш излезе на терен, за кратко време лицето беше лоцирано, имобилизирано и транспортирано до с. Пештани, од каде во 14:45 часот го превзеде возило на итната медицинска помоши го пренесе во специјалната болница за ортопедија Св. Еразмо во Охрид.

Отворање на оперативниот и тренинг Центар на ПСС

Конечно реализиран уште еден значаен сегмент од нашата дводецениска мисија за развој на Планинската Спасителна Служба во регионот околу Охридското Езеро. Свечено пуштен во употреба оперативниот и тренинг центар, прв од ваков вид во нашата држава и пошироко. Огромнa благодарност до Европската Унија и Министерството за Локална самоуправа, за финансиската поддршка доделена преку програмата за прекугранична соработка со Албанија. Наскоро ќе објавиме повеќе детали и фото албум од свеченото отворање.

П.С. Посебна благодарност за видеото до тимот на Digital Box

Новиот амблем на ПСС

Во пресрет, на свеченото отварање на новиот оперативен и тренинг Центар на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, со одлука на Раководниот одбор на Општинската организација, усвоен е новиот амблем кој во идниот период ќе го претставува графичкиот идентитет на Службата. Со трансформацијата на Единицата за спасување на планина и непристапни терени во Планинска Спасителна Служба, се наметна и потребата од ребрендирање и промена на логото, кое се надеваме дека долги години ќе биде препознатлив знак за Службата во поширокиот регион.